октомври 1, 2024

Скопје/Охрид, 1. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во редот на најспоменуваните македонски жени од втората половина на 19 и почетокот на 20 век е и на Јанка (Јустинијана) Каневчева.

Во редот на најспоменуваните македонски жени од втората половина на 19 и почетокот на 20 век влегува името на Јанка (Јустинијана) Каневчева. Во нашата јавност таа е позната исклучиво поради нејзината љубовна врска со неформалниот шеф на македонското револуционерно движење Гоце Делчев. Меѓутоа, најновите и позадлабочени истражувања покажуваат профил на жена со изградени револуционерни ставови, со осознаени идентитетски обележја, со силни феминистички ставови и со смисла и чувство кон пишаниот збор.

Јанка Каневчева е родена во Охрид, 1878 година. По завршувањето на образованието ја прифатила учителската професија, истовремено поддржувајќи го и помагајќи го македонското револуционерно дело. Ја поддржувала работата на ТМОРО, испраќајќи облека за четите, писма и др. По извесно време поминато во родниот крај била назначена за учителка во Скопје, каде што се задржала во периодот 1898-1904 година. Тука влегла во кругот на просветните жени, кои правеле обиди да се вклучат во јавниот и револуционерниот живот. Успешното вклучување во редовите на Македонската револуционерна организација било благодарение на стружанката Славка Чакрова.

Во редовите на организацијата започнала нејзината љубовна врска со Делчев. Фактите, изградени врз основа на нивната преписка и дописката на Јанка до тогашниот печат, зборуваат за нивна цврста меѓусебна преданост. Во 1902 година, на една вест објавена во весникот „Ден“ дека Делчев е убиен, Јанка испратила писмо, од кое, како што може да се види од начинот на кој е напишано, се гледа дека била длабоко вознемирена од веста: „Ве молам, ако е можно, објавете еден демант на распространетите лажни вести дека г. Г. Делчев е убиен… Докажете, ве молам, дека е жив и здрав“, пишува таа, „Докажете им дека е жив!“.

Оваа врска, како што знаеме, завршува на 4 мај 1903 година со загинувањето на Делчев во селото Баница, Серско. Оттука, нејзиниот животен пат продолжува како учителка во повеќе градови: Битола, Просечен (Драма), Плевна (Драма) итн. Неколку години по смртта на Делчев го бележиме почетокот на врската со Михаил Герџиков, негов мошне близок пријател. Во 1910 година ја добиле ќерката Магда Герџикова. Јанка починала по едно долго боледување од туберкулоза на 3 март 1920 година. Нејзината ќерка Магда, пак, доживеала 99 години, односно починала во 2009 година, во Софија.

Биографските црти на Каневчева во оваа пригода имаме можност да ги дополниме со нејзината книжевна дејност и со нејзината активност на полето на еманципацијата на македонските жени. Имено, таа будно ги следела домашните и светските случувања во јавниот живот. Врз градењето на ставовите на Каневчева најмногу влијаел фактот што била образована и живеела во големи градски центри, а истовремено била опкружена, исто така, со силни жени, кои имале цел да влијаат врз средината, за таа да почне, макар и бавно, да ги менува ставовите во врска со жените. Идеологијата на феминизмот во основата ја има целта за подобрување на правата на жените во општеството, а Каневчева секако била запознаена со таа борба, па активно учествувала во неа.

Што се однесува до творештвото (литература, публицистика), досега таа не беше позната како авторка на пишан текст. Како таква, неа ја сретнуваме потпишана под иницијалите што успеавме да ги дешифрираме: Ј. К-ва, и тоа во списанието „Свето дело“. На страниците на ова списание („македонско списание“, како што стои под насловната страна), таа е застапена со два текста: првиот е „Ослободителното дело и нашата жена“, а вториот е насловен „Македонската кауза и феминизмот“. Текстовите се објавени во рубриката „Политика“. Како што може да се види од самите наслови на статиите на Каневчева, станувало збор за мошне храбра одлука на издавачот да ги објави нив, а уште похрабра била одлуката на Јанка Каневчева да ги подготви и да ги предаде за печат, бидејќи тие обработувале несекојдневна тема за правата и должностите на жената во тогашниот затворен машки свет. Со самото појавување на овие два текста, нивната авторка барала и се чувствувала слободна јавно да ги произнесе своите ставови во врска со женското прашање. Во дадениот период во Македонија, па и на Балканот, речиси било невозможно да се поведе иницијатива, барем и за дискусија, во однос на ова прашање.

Во текстот „Ослободителното дело и нашата жена“, Каневчева го објаснила она што долго пред тоа и во практика го спроведувала: учеството во револуционерната борба. Во кратки црти ја опишала тешката положба на македонскиот народ. Еден од најинтересните пасуси во овој текст е ставот на Каневчева дека само со учеството на жената во ослободителното движење тоа ќе стане масовно и ќе може да се нарече такво. Таа изнесува и една револуционерна идеја: делото ќе има голема полза од жената, не само ако таа стапи во редовите на револуционерната организација туку и ако застане „на чело на револуционерното движење!“ Во тој случај, продолжува таа, „колку привлечна, примамлива би била револуционерната идеја и во каков размер би се зголемила машката срдечна преданост кон делото, кога мажите ќе видат дека со нив работат и жените!“

Во вториот текст „Македонската кауза и феминизмот“, Каневчева дополнително дава на знаење дека жените по природа биле повикани да играат општествено-политичка улога во животот на народите и да проникнуваат во нивната судбина. Понатаму, таа го повторува ставот од текстот „Ослободителното дело и нашата жена“ дека македонската кауза е дело не само на мажот туку и на жената. Причината била добро позната, а тоа била борбата против страдањата на македонското население под османлиска власт: „Ако пак има народ кој најмногу има потреба од мир, тоа, несомнено, е македонскиот (подвлеченото е мое – С. К.)“. Колку храбри записи се ова, колку смелост да се предизвика целокупната балканска јавност…

Во оваа реченица ние едноставно ги гледаме ставовите на Гоце Делчев со неколкуте негови познати изјави поврзани со македонското ослободително дело. Едно од прашањата што произлегуваат од овие написи е колку Делчев ѝ влијаел на Каневчева, а колку Каневчева на Делчев. „Сите жени нека притекнат на помош“, пишува таа во време кога патријархатот цврсто владеел на Балканот „сите да се оддадат на должноста на Ослободителното дело, чија цел е, освен културната иднина на сега поробените земји, но и на онаа на Балканскиот Полуостров воопшто, т.е. – воспоставување на еден друг политичко-економски и социјален режим, за да може и робинката да се зафати за својата работа, за да стане фактор на големото дело за реализирање на целите и задачите на феминизмот“.

Ете, така размислувала и така пишувала Јанка Каневчева, жената околу која и ден-денес се градат митови, а легендите стануваат стварност. (Крај)

извор: Нова Македонија/Славчо Ковилоски фото: Нова Македонија

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука