Охрид, 26. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Оштетена уште една охридска препознатливост – вториот чинар, од кого ноќеска падна поголема гранка на пешачката зона и коловозот.
Читатели на OhridPress Ни испратија фотографии од немилиот настан, со коментар дека е крајно време нешто да се направи за заштита на охридските чинари. До овој момент нема информација за причините поради кои настанало оштетувањето.
На почетокот на овој месец беше објавено дека ќе се реализира проект за ревитализација на стариот чинар во охридската чаршија, но и уште шест други чинари и познатиот кочеџик кај црквата „Св. Богородица Перивлепта“. Овие стебла се прогласени за природно наследство според стариот закон од 1973 година и треба да се стават во законска рамка според постоечкиот Закон за заштита на природата. Проектот за заштита на чинарите во Охрид ќе го реализира Друштвото за еколошки консалтинг „Деконсема“ од Скопје. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес