Скопје/Охрид, 17. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинение против 10 лица и едно правно лице, злосторничко здружение, група која одреден временски период се занимавала со посредување во вршење проституција и со недозволена трговија со дрога.
Дел од криминалната група биле и две службени лица-затворски службеник од Затворот во Тетово и полицаец-виш инспектор од Тетово кои користејќи ја својата својата позиција и контактите, ја предупредувале групата за полициски акции, а вршеле влијание и за олеснување на прекршочните постапки кон групата и кон странските државјанки.
Обвинителството за организиран криминал и Министерстоцо за внатрешни работи (МВР) на 17-ти октомври лани во голема акција со претреси на 17 локации во Тетово и во Охрид, го разбија злосторничкото здружение.
Седуммина обвинети како членови на злосторничко здружение сториле кривично дело Посредување во вршење проституција, од кои четворица се обвинети и за кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело, а за кое дело се обвинува и правното лице. Останатите двајца припадници на групата се обвинети за Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, додека на полицискиот службеник освен злосторничко здружување му се става на товар и кривичното дело Оддавање службена тајна, соопшти Обвинителството.
Организираната група ја создал првоосомничениот, кој ги организирал и координирал криминалните активности на другите припадници на групата која во временскиот период од 2020 до октомври 2024 се занимавала со посредување во вршење проституција и недозволена трговија со дрога, а дел од обвинетите ги прикривале нелегално стекнатите приходи од овие кривични дела.
Во текот на истражната постапка, тројца од осомничените го признаа извршувањето на делата и се спогодија со Обвинителството. Врз основа на предлог-спогобите, на две лица за сторени кривични дела Злосторничко здружување и Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори им се изречени затворски казни во траење од 2 години и 3 месеци и од 1 година и 8 месеци, а службеното лице е осудено на казна затвор во траење од 1 година и 8 месеци за сторени кривични дела Злосторничко здружување и Оддавање службена тајна. За осомничениот кој е недостапен на органите на прогонот постапката е прекината до негово пронаоѓање.
Во постапката се определени мерки кон вреден недвижен имот во Тетово и Гостивар, вреден подвижен имот – возила, накит и часовници од значителна вредност, како и парични средства и други предмети што потекнуваат и се принос од кривичните дела.
Имајќи ги предвид околностите, поврзаноста на обвинетите и кривичните дела што им се ставаат на товар, јавниот обвинител цени дека во моментот мерката притвор е единствена со која во моментот може да се обезбеди присуство на обвинетите и непречено водење на постапката истата, па му предложи на судот притворот да биде продолжен за секој од нив. (Крај)
извор: ОЈО фото: архива