Скопје, 1. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Аерозагадувањето е сериозен проблем на секоја земја кој не само што сериозно го нарушува здравјето на граѓаните, туку и „удира“ по економијата, велат од Коалицијата О2.
Истражувањата на Светската Здравствена Организација за 2012 година, покажаа дека аерозагадувањето во Македонија е причинител на повеќе од 2.836 смртни случаи годишно. Европската агенција за животна средина (ЕЕА) во 2013 пак, смртта на 3360 лица ја препишува на изложеноста на ПМ 2.5 честици.
– Според Светската банка, загадувањето ја чини македонската економија 253 милиони евра годишно, што е 3,2% од бруто-домашниот производ. Според податоци на Светската здравствена организација (СЗО), Македонија има три градови на листата топ десет најзагадени градови со штетните PM2,5 честички во Европа (без Турција), потсетуваат од коалицијата.
На прво место на листата е Тетово, Скопје е на трето место, а Битола на деветто.
Доколку се направи споредба со земјите во регионот, Македонија има далеку повисок годишен просек на PM2,5 честички од останатите земји од поранешна Југославија. На пример, главниот град на Словенија, Љубљана, има годишен просек на PM2,5 честички од 20 mg/m3, што е 2,5 пати помалку од Скопје.
СЗО предупредува дека загадениот воздух е еден од главните ризици по здравјето на граѓаните кој предизвикува мозочен удар, срцеви заболувања, рак на белите дробови, како и хронични и акутни респираторни заболувања, вклучително и астма. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива