Охрид/Скопје, 11. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Владата донесе одлука да се укине Законот за трговија на зелените пазари донесен минатата година, а имаше одложено дејство на примена за почетокот на 2020 година.
Министерот за економија Крашник Бектеши рече дека при предлагањето и носењето на овој закон ресорното министерството не било воопшто консултирано. Анализата на одредбите покажала дека натамошната примена на овој закон би довела до социјални, економски и фискални последици врз продавачите на зелените пазари, што генерално ќе се одрази на целокупниот систем според кој функционираат зелените пазари, па затоа е одлучено да се укине.
– Ова законско решение предизвика големи незадоволства и негативни реакции од самите фактори – учесници во трговијата на зелените пазари. Потребата за донесување на овој закон, со кој престанува да важи Законот за трговија на зелените пазари, е предизвикана од неможност да бидат исполнети условите утврдени во одредбите на Законот за трговија на зелените пазари. Притоа се констатира дека пропишаните услови предизвикуваат негативни реакции од страна на лицата што на овие пазари се јавуваат како трговци на зелени пазари што вршат трговија на мало на тезги и пазари, кои посочија дека натамошната примена на овој закон ќе предизвика социјални, даночни и фискални последици врз нив, што ќе се одрази на поширок сегмент засегнати граѓани, односно кај трговците на зелените пазари, коморите на трговците, организаторите на пазарите и државните институции што треба да го имплементираат законот, изјави Бектеши.
Законот за трговија на зелени пазари беше донесен лани во јануари и требаше да се применува од почетокот на 2019 година. Ова наиде на негодување, гнев и протести кај пазарџиите, меѓу другото поради што се предвидуваше обврска да плаќаат лиценца од 60 евра, како и ограничувања кој сé смее да продава на пазарите. По ова беа донесени измени со одлука регистрацијата на пазарџиите да започне да се применува од 1-ви јануари 2020 година, за сега веќе, на прагот кога требаше да се имплементира, законското решение е укинато.
Министерот Бектеши вели дека министерството за економија работи на ново законско решение, кое ќе треба да биде донесено в година, со кое ќе се уреди оваа тематика, а за неговото изготвување се прават консултации со сите засегнати страни. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива