февруари 27, 2017

Охрид, 27. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – „Како град му должиме сеуште многу на Марко Бошнаков, треба да именуваме улица со неговото име, или да се постави спомен обележје, затоа што ние немаме милион личности со такви заслуги, и треба да го чуваме споменот на секој оној кој дал ваква жртва“, потенцираше Дејан Пановски, претседател на Комисијата за одбележување на празници и манифестации.

panovski

Од комисијата додаваат дека градот Охрид по 9-ти пат се потсетува на големата жртва на Марко Бошнаков, неговиот патриотизам и желба да покаже доблест во одреден историски момент, за својата држава и својот народ. Како дел од историјата е и Марко Бошнаков, кој ја дал својата жртва за Македонија, за идејата, а таквите важни моменти треба да нѝ бидат водилка за она што секоја генерација го има. А секоја генерација, како што додаде Пановски, ја има својата борба.

– Жртвата на Марко Бошнаков е еден највисок патриотски чин, кој одговарал на тоа време, на таквите односи во овој дел на Европскиот континент и во борбата за самобитност на македонскиот народ. Денес една нова генерација си има своја нова битка и свои елементи на патриотизам. Денес патриотизам значи да се учи, да се донесе нешто позитивно за својот град, да се напише книга, да се помогне на секој еден кој е наш сограѓанин, но и на секој еден кој ја сака и љуби својата татковина. Врз база на тој патриотизам кој го имаме денес, треба да го градиме градот и понатаму и да го браниме, дополна Пановски.

ucenicimarkobosnakov

Според Пановски, секој кој учествувал со своја жртва во даден патриотски чин, без разлика во кое време, е достоен да биде почитуван.

Пред спомен куќата на Бошнаков во Охрид свежо цвеќе положија и оддадоа почит претставници на Советот на град Охрид, политичките партии, здружението „Христо Узунов“, ученици од ОУ „Христо Узунов“ и други граѓани почитувачи на неговиот лик и дело.

spomenbosnjakov1

spomenbosnjakov2

spomenbosnjakov4

spomenbosnjakov3

spomenbosnjakov5

Марко Бошнаков беше еден од неколкумината кои ги преживеаа Солунските атентати изведени од групата млади македонски патриоти наречени солунски атентатори. Тој беше заробен од аскерот во Солун и осуден на смрт. Смртната казна му беше заменета со доживотна робија што ја отслужуваше во тогашниот злогласен затвор Музрул во Африка, каде и умре на 27 февруари 1908 година, само неколку месеци пред да се прогласи амнестијата од страна на Младотурците.

Марко Бошњаков во својот претсмртен час на неговите другари Павел Шатев и Ѓорѓи Богданов им оставил аманет: „Ако телото се тркала, не дозволувајте истото да се случи и со главата“.

Единствените преживеани гемиџии, Шатев и Богданов го исполниле аманетот на Бошњаков така што ја отсекле главата од беживотното тело на Бошњаков и ја донеле во неговиот роден град. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука