Охрид, 2. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Остатокот од Студенчишкото блато треба да го ревитализираме , да го оживееме и да го ставиме во функција, апелира Дејан Пановски од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро.
– Преку мојата работа во Билатералниот Секретаријат за сливот на Охридското Езеро направивме се’ што е во наша моќ да поткренеме кампања, да направиме еден показен проект, да обезбедиме и меѓународни средства за конкретна реставрација на остатокот на Блатото. Деструктивните елементи не не’ разбраа, вели Пановски.
Според него, деградарани се доста делови од блатото, но тоа во голем дел сеуште постои и остатокот, како што појаснува, мора да се сочува и реставрира.
– Тоа и македонската науката го побарала преку Студија за ревитализација на Студенчишкото блато. Но, додека ние како најеколошки град имаме кампања против екологијата и екологистите и на оваа тема, светот има кампања под мотото „Мочуриштата за наша иднина“, додава Пановски.
Меѓународниот дел на водните живеалишта (мочуришни предели , блата) се прославува на 2-ри февруари. Тоа е денот кога на меѓународната конференција во Рамсар во далечната 1971 година мочуришните предели добија значење, важност и утврдена вредност. Оваа 2015 година мотото на овој ден е „Мочуриштата за наша иднина“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес