Охрид, 5. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Еколошките аргументи се и натаму силен предизвик кој треба да поттикнат промени во размислувањето и да преставуваат адвокатура за животната средина.
Кој и да си и што и да си, ако екологија немаш – ништо не си, вели екологистот и Координатор на ГЕФ Дримскиот Проект Дејан Пановски, по повод 5-ти јуни, Светскиот ден на животната средина.
Екологијата е во суштината на секое делување, од економијата, преку правото, образованието и здравството, земјоделието, рибарството посебно, урбаното планирање, адаптација кон климатските промени, развојот на туризмот, инвестициите, потенцира Пановски.
– Ако го пресликаме ова значење на локални рамки борбата со аргументи за заштита на Охридско-преспанскиот регион, за блатните површини, за шумските предели и национални паркови и богатства, за инвестиции вклопени во средината, за стопирање на штетни процеси е токму таа борба на аргументи. Меѓународниот сенс ја признава таа борба и затоа во овој регион го слева интересот преку поддршка на процеси и иницијативи (Биосферен резерват, УНЕСКО, управување во Дримски басен, рехабилитација на колекторски систем, заштита на биодиверзитетот), наведува Пановски, кој секогаш стоел зад овие процеси, а голем дел и лично ги иницирал.
Според него, клучниот развоен елемент во екоизмот е развојот на зелената економија и инвестиции.
– На туризмот во нашиот регион може да се согледа дека инвестирањето во здрава животна средина, нејзините медиуми и сочувување на биодиверзитетот е клучно за интересот на туризмот, квалитетот на туристите и нивниот економски придонес во локалната економија. На крајот на краиштата екологизмот е култура на живеење, културолошки проблем или свест, а односот кон животната средина може да биде цивилизациски или варварски, потенцира тој.
Пановски подвлече дека наша одговорност пред општеството е да ги браниме еколошките аргументи при носењето на одлуки, тие да бидат ставени на маса и разгледани, без оглед на крајниот епилог. Треба сосема да е неважно каква власт е актуелна, кога станува збор за заштитата на Охрид, езерото, Дримскиот басен како една целина. Иако екологистите не се омилен, сепак треба да бидат респектираниот фактор при носењето одлуки. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива