Охрид, 27 .февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Денеска се одбележуваат 107 години од смртта на охридскиот гемиџија Марко Бошњаков. По тој повод делегации од Општина Охрид, од Заводот и Музеј, од Основното училиште „Христо Узунов“ како и претставници на политички партии положија цвеќе пред родната куќа на охридскиот гемиџија.
Споменот кон Марко Бошњаков во име на општината го сподели претседателот на Комисијата за одбележување празници и манифестации при Општинскиот совет Дејан Пановски кој истакна дека ова е датум кога сите треба да се потсетиме на хероите и пожртвуваните за слободата на Македонија каков што беше и Марко Бошнаков.
– Денес ние како генерација го спомнуваме името на Бошнаков овде пред оваа спомен плоча , но се уште не сме се оддолжиле, ни со споменик , ниту со улица што ќе го носи неговото име. Останува обврска тоа, не само вака јавно, туку и институционално да го поткренеме и направиме. Не само заради вечната му слава туку и заради лекцијата која според неговото дело и посветеност кон македонството треба да ја учат идните генерации. А неопходни ни се тие лекции од историјатата, од настаните , од личностите заради иднината, подвлече Пановски.
Марко Бошнаков е роден во Охрид во 1874-та година. Основното образование го стекнал во родниот град, а како средношколец учел во Солунската Гимназија. Бил сведок на создавањето на македонскиот револуционерен комитет во Солун со што, всушност се означил почетокот на македонската револуционерна борба (1893 година). Се вклучил во Движењето на Гемиџиите (Солунските атентатори) издавајќи им ја и својата бакалница во Солун.
– Од Охрид започнал и во Охрид завршил животнито пат на Марко Бошњаков. Неговиот гроб денес не постои. Неговиот череп е погребан во заедничката костурница во дворот на црквата „Свети Константин и Елена“. Сме дозволиле да го изгубиме неговото спомен-обележје, а не изградивме ново. Но не смееме да се поклониме и да благодариме на сите оние знајни и незнајни кои не жалејќи се „арчеле“ за слободата и за Македонија, истакна на одбележувањето на годишнината од смртта на Бошнаков, историчароти и кустос Гоце Митрески од Заводот и музеј во Охрид.
Измачуван и тешко заболен од затворските тортури, Бошнаков умира од маларична треска во затворот на 27-ми февруари 1908 година, само неколку месеци пред да се прогласи амнестијата од страна на Младотурците.
Спомен-плочата во чест на Марко Бошњаков во Охрид беше откриена во 1994 година пред неговата родна куќа, а во источниот двор на црквата „Свети Константин и Елена“ во заедничка гробница се наоѓа и пресечената глава на гемиџијата
Пред неколку години, младиот охридски скулптор, тогашен матурант Стефан Нестороски, ја изваја бистата на гемиџијата Бошњаков, која е поставена во дворот на неговата куќа. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес