„Паркирај совесно-паркирај одговорно“, кампања за подигнување на степенот на сообраќајната безбедност
октомври 3, 2024

Охрид, 3. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Отсекот за превенција при СВР Охрид, вчера започна со реализација на сообраќајно едукативната кампања „Паркирај совесно-паркирај одговорно“.

Полициските службеници, на повеќе сообраќајници во градот констатираа неправилно паркирани и оставени моторни возила на коловозните ленти, со што значително се нарушува нормалното одвивање на сообраќајот и се загрозува безбедноста на сите учесници во сообраќајот. На возачите им укажаа на сторениот прекршок, ги запознаа со дел од казнените одредби од Законот за безбедност во патниот сообраќај, според кој казната за паркирање на коловоз на крстосница формирана од две улици, изнесува 180 евра, на тротоар е 45 евра, а на коловозна лента, казната изнесува 40 евра.

– На возачите им беше поделен едукативен материјал со низа практични совети од областа на сообраќајот. Целта на кампањата, која е спроведена во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), е подигнување на степенот на безбедносната култура кај возачите, а со тоа и подигнување на степенот на сообраќајната безбедност во патниот сообраќај, информираат од СВР Охрид и додаваат дека кампањата ќе биде спроведена на целото подрачје на Секторот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука