Скопје, 4. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во рок од 15 дена треба да биде закажан почетокот на надзорната расправа што треба да биде клучен чекор за доследно спроведување на Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, како и за целосно транспонирање на Конвенцијата за заштита на нашето природно и културно наследство на УНЕСКО со домашното законодавство.
Собраниската Комисија за култура денеска едногласно донесе одлука за организирање ваква надзорна расправа, која беше предлог на пратениците од владејачките партии. Дополнително, власта и опозицијата во Парламентот треба да ги договорат сведоците во надзорната расправа. Повикани да сведочат ќе бидат раководни лица од институциите од културата, од животна средина, од транспорт и врски, од локалната самоуправа…
Статусот на Охрид, како град на листата на Светско наследство на УНЕСКО, е во опасност и градот може да биде ставен на листата на светско наследство во опасност. До 2019 година Македонија треба да направи повеќе активности за заштита на Охрид и Охридското Езеро како светско културно и природно богатство.
Претседателката на Комисијата за култура Ирена Стефоска посочи на активностите што македонската Влада ги презела, како, на пример, Извештајот за она што е направено во спроведување на препораките на УНЕСКО, донесен во февруари годинава, Акцискиот план за 2018 за спроведување на препораките, а на 1 февруари е формирана Комисија за управување со светкото природно и културно наследство во Охридскиот регион.
Стефоска рече дека пратениците од мнозинството го исполнуваат тоа што било изборно ветување, а тоа е во Собранието да се воспостави редовна практика на јавни сослушувања.
Пратеничката Елизабета Канческа Милевска, поранешна министерка за култура, поддржувајќи го предлогот за надзорна расправа кажа дека е важно да има интегриран пристап на институциите во спроведување на законите и на тој начин да се следи заштитата на културното и природното наследство. Таа и забалежа на новата Влада дека не презела ништо од она што ветила во изминатата година во однос на културното наследство, и наброја се она што било преземено од страна на владата на ВМРО-ДПМНЕ за заштита на културното наследство. Го спомена Плаошник и Свети Климентовиот универзитет, заштита на фреските, Заливот на коските, Лапидариумот во Охрид и друго…
Пратеничката Никица Корубин од ЛДП и одговори на Канческа Милеска дека нова градба не е заштита на културата, посочувајќи на Плаошник и Свети Климентовиот универзитет, чија катност била намалена откако имало реакции и забелешки. Според Корубин, проблем се надлежностите што ги имаат институциите за управување и заштита на културното наследство.
– Немаме реален и функционален систем за управување на културното наследство, рече таа посочувајќи дека секако дека во изминатите десетина години има направено и добри и лоши работи, но оти институциите биле должни да постапуваат согласно законот и да укажат па дури и на министерот за култура. Оваа надзорна расправа, рече таа, ќе се однесува на тоа како актуелните диркетори ги спроведуваат законите. (Крај)
извор: МИА фото: МИА