Скопје, 9. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Партиите имаат уште три дена да ги комплетираат и достават до Државната изборна комисија (ДИК) листите со кандидати за пратеници и носителите на листите со кои ќе настапат на предвремените парламентарни избори.
Владејачката СДСМ, денес, по Конгресот на партијата ќе ги објави изборните листи, а ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, официјално листите со кандидати ќе ги презентираат на јавен настан што ќе се одржи во среда на 11-ти март.
Како што рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, претходно кандидатите и носителите на листите треба да бидат потврдени на седница на Централниот комитет.
На изборите што треба да се одржат на 12-ти април ќе нема независни кандидатски листи, откако во предвидениот рок ниту еден од пријавените шестмина кандидати за независни носители не ги собра потребните илјада потписи. Државната изборна комисија на последната седница донесе упатство за постапката за решавање приговори, а од четирите партии од власта и опозицијата кои на последните избори освоиле најмногу гласови: ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и Беса побара предлози за членови во Избирачките одбори.
Кампањата за изборите ќе почне на 23-ти март, а ќе трае до полноќ на 10-ти април. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива