април 8, 2017

Скопје/Охрид, 8. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Претставници на политичките партии изјавуваат дека се подготвуваат за локални избори, дека во тек се партиските активности за кандидирање на градоначалници, но, велат, прво треба да се завршат работите околу изборот на претседател на Собранието и на нова влада, пишува МКД.мк.

Мандатот на градоначалниците и на советите на општините е пролонгиран до средината на мај.

Рокот за одржување на редовни локални избори е веќе пробиен. Во моментов нема кој да ги распише изборите. Министерството за правда реши да го пролонгира мандатот на општинските власти до средината на мај. За наредно пролонгирање ќе мора да се извршат и законски измени, а Собранието е нефункционално.

Од партиските штабови велат дека тие се подготвуваат за локални избори.

Во ВМРО-ДПМНЕ велат дека тие остануваат на ставот дека заедно со локалните избори треба да се одржат и уште едни предвремени парламентарни избори. Од Центарот закомуникации на партијата информираат дека тие се во целосна кондиција и во секој момент можат да излезат на редовни локални и предвремени парламентарни избори.

Во ДУИ велат дека веќе го завршиле процесот на кандидирање за состав на општинските совети и за градоначалници. Сите предложени кандидати веќе биле испратени до централното претседателство на партијата.

Другите парламентарни партии сметаат дека сега најбитно е да дојде до деблокада на Собранието за да може да се разговара за датум за редовните локални избори. Сите се согласни дека во овој момент тоа, пред почетокот на есента не е можно. И од СДСМ и од Беса и од Алијансата за Албанците велат дека во нивните партии процесот на кандидирањето за локалните избори сѐ уште не е почнато.

Од СДСМ велат дека тие се подготвени за локални избори, но во моментов, за нив многу побитно е враќањето на уставниот поредок во државата.

Локалните избори треба да ги распише претседателот на Собранието. И ако се избере наскоро првиот човек на Парламентот, ќе мора најпрво да се пристапи кон измени во Изборниот законик за продолжување на мандатот на актуелните општински власти. (Крај)

извор: МКД.мк фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука