март 2, 2015

Охрид, 2. март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Објектот што се гради до црквата „Света Богородица – Захумска“ на брегот од Охридското Езеро во месноста Заум нема дозвола за градба, потврди директорката на Заводот за заштита на спомениците и Музеј од Охрид, Тања Паскали-Бунташеска.

Според неа, на местото каде што се гради новиот манастирски конак и порано постоел таков обејект заради што пред неколку години Заводот изработил идеен проект за негова реконструкција. Како што додава таа, бил изработен и елаборат за ревитализација на манастрискиот комплекс, а она што требало да се направи, но не било досега направено, е да се урбанизира овој простор.

– Нема финален производ, односно нема дозвола за градба на манастрискито конак, но во тек е процедурата за вцртување локација за конак. Дури откако ќе се урбанизира овој простор може да се побара дозвола за градба и потоа да се гради по легален пат, вели за Супер радио Паскали – Бунташеска.

zaumkuka1

Од општина Охрид пак, не одговарија точно на новинарско прашање околу тоа дали има или нема дозвола, новиот објект што се гради непосредно до црквата.

– Ќе постапиме согласно законските ингеренции и можности. Тоа ќе го одговорат стручните служби после инспекцискиот надзор којшто го прават, изјави кусо секретарот Димитар Спасески.

Од Дебарско-кичевската епархија велат дека е доставено барање до одговорните институции за да можат градежните активности да продолжат со запазените процедури, но појаснуваат оти на тоа место не се гради нешто ново, туку се возобновува манастирскиот конак којшто порано постоел токму на тоа место.

Црквата „Св. Богородица Захумска“ се наоѓа на источниот брег од Охридското Езеро, во непосредна близина на селото Трпејца.Според зачуваниот натпис, црквата е подигната и насликана во 1361 година од ќесарот Гргур за време на деволскиот епископ Григорие. До неа се стигнува единствено по воден пат. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука