Охрид, 19 мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Џамијата останува во постојниот габарит. Не се гради нова џамија.
Со оглед на тоа што деновиве во јавноста се дискутираше и се бараа одговори околу конзервацијата и реконструкцијата на Али Пашината џамија, денеска на прес конференција со објаснување излезе, Тања Паскали Бунташеска, која се обрати како стручно лице, архитект во охридскиот Завод и музеј, а и самата непосредно вклучена во изработка на проектот.
Али Пашината џамија претставува споменик на културата заштитен уште од 1968 година. Со донесување на Законот за заштита на културно наследство во 2005 година, главна обврска беше на институцијата од заштита да изработат елаборат за ревалоризација на сите поединечно заштитени објекти, истакна Паскали Бунташеска.
– Па така беше изработен елаборат, во конкретниов случај за оваа џамија. Беше разгледан од комисија и усвоен, по што се изработи предлог за прогласување на споменикот за значајно културно наследство, по што беше донесено и решението за негово прогласување како такво, вели Паскали Бунташеска.
Со оглед на тоа што објектот претставува поединечно заштитено споменичко добро, Завод и музеј Охрид пристапил кон изработка на проект за конзерваторско реставраторски работи и реконструкција на џамијата.
Согласно законот, најпрво беше изработена програма за конзерваторкси истражувања. Истражувачките работи на џамијата ги извршија стручни лица од оваа област.
Врз основа на програмата, од Управата за заштита добивме одобрение за вршење на конзерваторските истражувања, информира Паскали Бунташеска.
– На таа џамија се извршени многу градежни работи кои не соодветсвуваа на архитектурата, всушност беа изведени како дивоградби од тогашното муфтиство. Беше изведен несоодветен трем во висина приземје и кат, несоодветни изградби и доградби на источната страна од џамијата, објектот беше премалтерисан со цементен малтер, што не е дозволени да се употребува како материјал при конзервација,ориганалните варови малтери и оригиналната декорација беа уништени. Истаржувањата ги направивме со цел да видиме како изгледала џамијата во периодот кога била прогласена како споменик на културата и според нашиот закон да ја вратиме во автентична состојба. Точно е дека минарето е високо 32 метри, но тоа е дел од еден споменик на културата. На овој простор имаше остаток од постоечкото минаре во висина од 6,5 метри, истакна Паскали Бунташеска.
Таа рече дека изработиле проект за конзервација, а Управата за заштита на културното наследство издала решение за заштитно – конзерваторски услови. Врз основа на овие услови се преминало кон изработка на идеен проект, па потоа и основен проект со сите фази. На крајот Управата издала конзерваторско одобрение.
Според неа, последниве денови во јавноста се изнесоа бројни невистини околу ова прашање. Проектот воопшто не е финансиран од буџетски средства, ниту пак со средства од граѓаните, вели Паскали Бунташеска.
– Проектот е финансиран со средства како донација од Република Турција, којшто ги обезбедува директоратот на вакуфите со седиште во Анкара. Како што добивме донација да ја реконструираме црквата Св. Богородица Перивлепта, на ист начин добивме донација за рекострукција на џамијата.
Директоратот ја избра фирмата која ќе ги изведува градежните работи. Тоа е турска фирма строго специјализирана за изведување на конзерваторски работи.
Со оглед на тоа што во 70-те години на минатиот век, при изградба на околните објекти во непосредна близина на џамијата биле пронајдени остатоци од христијански храм, Паскали Бунташеска рече дека биле вршени определени археолошки истражувања, но ништо од тоа не е уништено и нема во никој случај да се дозволи да биде нешто уништено. Тоа е оставено за истражување во идни времиња. Базиликата не е под џамијата, туку се протегала под сите околни објекти.
Таа уште еднаш повтори дека не се гради нова џамија. Џамијата останува во постојниот габарит. Дури и тремот кој беше со висина приземје плус еден кат, којшто беше несоодветна градба се руши и на негово место ќе биде изграден трем со една катана висина помалку, отворен трем со три куполи, односно таков каков што постоел кога се изградила џамијата.
На овој проект работевме во изминативе две години, неговата подготовка воопшто не се одвиваше тајно.
– Ние работиме на конзервација и реставрација на сите објекти кои претставуваат поединечно заштитено културно наследство, без разлика дали се работи за објект од исламска или христијанска архитектура, ние работиме професионално и постапуваме подеднавко за сите објекти. Совршено е ист принципот дали ќе градиме камбанарија или минаре, вели Паскали Бунташеска.
Таа информира дека конзервацијата сигурно ќе трае до месец септември, па дури потоа ќе се премине на рекострукција на ова споменично добро. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес