ноември 23, 2017

Охрид, 22. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во организација на Младинскиот образовен форум, во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, во петок со почеток во 19:00 часот ќе биде отворена патувачката изложба „Ана Франк – Историја за денес“.

– Изложбата претставува збир од триесет и девет изложбени панели кои носат бројни детали од животот на малата Ана и нејзиното семејство од Втората светска војна. Изложбата е отворена во Македонија во рамки на проектот „Хисторија, Историја, Повјест – Лекции за сегашноста“, а организатори се Младински образовен форум и Куќата на Ана Франк од Амстердам. Во изложбата има и панели кои се креирани посебно за македонскиот контекст во периодот по Втората светска војна до денес, а изработени од домашните експерти Мишо Докмановиќ и Бесник Емини. Она што ја прави оваа изложба поинаква е што водичи за посетителите ќе бидат млади волонтери, средношколци кои поминале обука за да ја раскажат приказната на Ана Франк.До сега, изложбата беше поставена во Скопје, Битола, Прилеп, Неготино, Струмица, Кавадарци, Тетово, Велес, Куманово, Крива Паланка и Струга, информираат организаторите.

Изложбата во Македонија е изработена и донесена во рамки на проектот „Хисторија, Историја, ПовјестЛекции за сегашноста“ поддржан од Европската унија. Во рамки на проектот воден од Куќата на Ана Франк, а во соработка со организациите МОФ, ХЕРМЕС, Младинска иницијатива за човекови праваи Отворена комуникација, изложбата е достапна за младите од Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија. Во Македонија изложбата доби поддршка од Министерството за надворешни работи, Министерството за култура, Министерството за образование и наука, Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и Амбасадата на Кралството Холандија.

Проектот има за цел да го покрене вниманието и поттикне дискусија за настаните од блиското минато на Западен Балкан кои се причина за различни поделби и генерирање на конфликти во минатиотвек. Преку промовирање на критичко размислување за настани од историјата и нивното значење во современотовреме и случувања, целта на Anna Frank House и партнерите е да се постигне помирување преку дијалог за заедничкото минато.

Изложбата ќе биде отворена за посетители до 10-ти декември 2017 година, а влезот е бесплатен. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука