Охрид, 4. март 2015 година (ОХРИДПРЕС) – Становите што ги гради Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор а се наменети за комерцијална продажба, ќе се продаваат по поефтини цени.
Најголемо поефтинување по метар квадратен има кај становите што претпријатето ги има изградено во Охрид. Сегашната понудена цена на 40 станови што се на продажба во објектот „Расадник“ блок 2, од 700 евра се намалува на 599 евра.
Ваква одлука донесе Владата на Република Македонија на последната седница.
– Со оваа одлука немаме намера да го уриваме пазарот на недвижности, туку напротив, сакаме да понудиме цени кои се подостапни за граѓаните заинтересирани да купат стан изграден од државата. Практично, со оваа одлука сакаме да ги доближиме граѓаните до проектот на Владата „Купи куќа, купи стан“ преку кој според последните бројки досега се купени 470 станови, изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Освен во Охрид, поефтинуваат и становите што ги има изградено Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор во Скопје и Струмица. Новите цени, согласно одлуката за намалување, се без пресметан данок на додадена вредност.
Охриѓани ќе можат да се информираат за новините задутре, кога во подрачната единица на АД за изградба и стопанисување со станбен простор во Охрид ќе биде организиран отворен ден за граѓаните.(Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива