Охрид, 10. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Изненадувањето на есента битолски Пелистер наместо во неделата во Битола, денес во Охрид ги започна подготовките за вториот дел од шампионатот на Македонија.
Во очекување на тренерот Наџи Шенсои, кој заедно со Боби Божиновски „заглави“ во Истанбул и денес ќе пристигне во Охрид, делегацијата на битолскиот прволигаш е комплетна, јави порталот gol.mk.
На првиот тренинг попладнево предвидено е да се појават околу 30 фудбалери, а меѓу нив ќе бидат и тројцата новајлии Илијоски, Блажевски и Мециновиќ.
Пелистерци ќе работатат на стадионот „Атина Бојаџи“ во Охрид, каде битолчани ќе останат до 22-ри јануари, а на 18-ти јануари против Шкендија ќе го одиграат првиот тест. На 17-ти јануари во Охрид ќе пристигне најновото засилување бразилскиот напаѓач Фернандо Силва Дос Сантос.
25-годишниот Фернандо Силва е некогашен фудбалер на Славија Софија, Санлуфаспор и Монтана од Бугарија. На 27-ми јануари Пелистер ќе замине на двонеделни подготовки во Турција, каде што се предвидени неколку контролни натпревари до 11-ти февруари, кога делегацијата се враќа во Битола. (Крај)
извор: gol.mk фото: gol.mk