Охрид, 7. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Како дел од рубриката „046 За Охрид се зборува!“ и пошироката анализа за работата на пратениците во последниот парламентарен состав 2020-2024 година, разговаравме со Лидија Петкоска, пратеник од Охрид од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Во интервју за Супер радио и Ohridpress вели дека од денешна преспектива може да каже дека ги исполнила ветувањата дадени пред 4 години пред охриѓани. Амандманот за евидентирање и мапирање на еколошки зони, што беше прифатен, го апострофира како најголем успех во мандатот, а на идните пратеници од Охрид им порачува да се огледаат на позитивните примери од нивните претходници и да го прифатат сето она, што според нив е правилно и добро во борбата за оние кои што ќе им го дадат гласот и кои ќе ги испратат таму да бидат нивни претставници и да бидат нивни претставници во вистинска смисла на зборот.
OhridPress: Како се осврнувате на Вашиот мандат како пратеник, иницијативите што сте ги разговарале или поднеле за проекти за подобар Охрид?
Петкоска: Пред неполни 4 години, во текот на предизборната кампања, јас како кандидат за пратеник од од Охрид, им ветив на моите сограѓани дека во Собранието на Република Македонија ќе бидам нивниот глас, оној глас кој што ќе ги пренесува нивните барања, потреби, идеи, нивните прашања и кој неуморно ќе бара решенија за истите. Од денешна преспектива, можам да кажам дека ги исполнив тие ветувања и ова, би го поткрепила со факти. Имено, на секои шест месеци, Институтот за демократија, „Социетас цивилис“ врши анкета и истражување на квалитетот на собраниската дебата и во тие анкети, три пати последователно сум како пратеничка во најактивните 10 пратеници. Значи, од 120 пратеници влегувам во 10-те најактивни, три пати по ред, од кои што еднаш бев и во првите тројца пратеници. Тоа значи дека го пренесувам сето она што до мене стигнува како порака, како предлог, како реакција од граѓаните, незадоволство, идеја итн. Понатаму, на собранискиот сајт, секој граѓанин може да кликне на делот што се нарекува транспарентност на собранието, има под дел „Мојот пратеник“ и во истиот може секој граѓанин да има увид во активностите на пратеникот кој го избрал и кој го гласал. Во ова насока, секој граѓанин и секој охриѓанин, посебно кој што е заинтересиран за нашата работа како пратеници, доколку отвори, ќе види дека пратеничката Лидија Петкоска од Охрид буквално нема отсуство од собраниски седници и во контекст на тоа, со 70 излагања на пленарни седници, 50 обраќања на седници на собранински комисии и работни тела, 24 поднесени предлог закони и околу 1.070 амангмани и 13 поставени пратенички прашања, сметам дека доволно гласно сум се борела за она што ги засега посебно охриѓани. Понекогаш можеби некои дискусии коишто ги водиме во Собранието не го носат називот конкретно Охрид, меѓутоа јас како охриѓанка и како дипломиран менеџер за туризам и угостителство, во најголем дел од случаите, говорам за туризмот, а сѐ што се однесува на туризмот и туристичкиот развој во Република Македонија, го засега и Охрид и охриѓани. Што би истакнала понатаму од мојот мандат, иницијатива што сум ја поднесла и на која што сум особено горда е иницијативата во соработка со „Охридски еснаф“ којшто во текот на одлуката за недела да биде неработен ден, побараа од нас како пратеници, поддршка и разбирање за измени на Законот за трговија. На истиот предлог Закон побаравме во Охрид како туристичко место да им се овозможи на оние граѓани кои сакаат да работат во недела (продавници, бизнис секторот), да го добијат тоа право. Го поднесовме тој предлог закон, потоа, секако, власта не го прифати нашиот предлог закон, поднесоа свој закон, меѓутоа и на тој закон дадовме поддршка затоа што станувеше збор за доброто на Охрид. Слободно можам да кажам дека и од позиција на опозиција и во ситуација кога имаме власт која нема слух за опозицијата, успеав во времето на пандемијата да ги вклучам туристичките водичи во шестиот пакет антикризни мерки, и на тоа сум посебно горда. Исто така во тој период предложив измени и дополнувања на Законот за трговија, што се однесуваа на делот да трговците на мало не мораат да ангажираат вработени редари, туку од делот на вработените да си назначат редар кој што ќе се грижи за редот и за потребната дистанца што требаше да се одржува. Па, така и покрај тоа што е општ Закон за трговија што важи за цела Република Македонија и за македонските граѓаници, секако дека се однесува и на охриѓани. Исто така голем е придонесот и со многу амандмани, од кои во најголем дел се однесуваат на туризмот.
OhridPress: Што според Вас е најголемиот придонес за Охрид од ваша страна за време на мандатот?
Петкоска: Од позиција на опозиција е многу тешко да се направи нешто големо, меѓутоа борбата и неоткажувањето секогаш вродуваат со плод. Па така, кога ќе поднесете над 30 амандмани, сигурно дека еден или два барем, ќе Ви бидат прифатени. Во таа насока, освен овие што ги наведов, би го издвоила амандманот за амандманот за евидентирање и мапирање на еколошки зони, што беше прифатен, секако без поддршка на власта не може да помине амандман, како и амандманот за изградба на велосипетска патека Охрид-Струга, што за жал се одобрени средства од буџетот, меѓутоа без реализација, како и сѐ останато кога станува збор за ветувањата, истите се бесплатни кога се на хартија, меѓутоа кога ќе дојде време да се реализира, остануваат нереализирани за жал.
OhridPress: Што според вас можело, а не се направило?
Петкоска: Сите предлог амандмани, доколку би биле прифатени, ќе се направеше многу. Значи, ќе се обидам да се сетам на дел од амандманите. Во насока на развој на руралниот туризам, сум поднела амандмани. Овие амандмани морам да потенцирам се поднесени неколку пати во текот на расправите за будџетот и ребалансот. Мислам дека еден пратеник најдобро ја покажува грижата за своите граѓани преку поднесувањето амандмани кои што се однесуваат на локалната заедница. Во насока на руралниот развој, имам поднесено амандмани за патно поврзување на Куратица и Дебрца, за пречистителна станица и канализациона мрежа во село Трпејца, за изградба на ново училиште „Григор Прличев“, за изградба на детска градинка во Охрид, за развоен фонд за туризам, за субвенција на угостителски капацитети, кои би добили статус за зелени хотели, со зелени ѕвездички за заштита на животната средина и за развој на еко – туризмот. Понатаму, за специјален пловен објект за заштита и спасување на Охридското Езеро, за откупно-дистрибутивни центри за земјоделски производи, за изградба на катна гаража, за изградба на фабрика за отпад итн. За жал, од сето ова што го наведов и уште многу друго, прифатени се само овие два амандмани и повторно ќе кажам, за жал без реализација. Она што можам да го истакнам, исто така, е фактот дека секогаш се раководам од ветувањето што сме го дале пред граѓаните. За жал, јас како пратеник од опозиција, можам само да ја поттурнувам власта да го реализира она што го ветила. Буквално тоа и го правев. Дел од овие амандмани што ги наведов, беа ветени со програмата „План за живот за Охрид“. И сега, кога ќе ги ветите, како што кажав ветувањата се бесплатни додека се на хартија, мојата задача, барем јас така чуствував кон моите охриѓани, коишто ми ја дадоа довербата врз база на таа програма, беше да ја поттикнувам власта да го прифати амандманот за она што го ветила. И тоа не се случи за жал.
OhridPress: На прес конференција изнесовте наводи кон пратеникот Лазе Танески. Дали има докази за истите и дали имавте рекации тужби и слично?
Петкоска: Секако дека како претставник на ВМРО-ДПМНЕ цврсто стојам на ставот дека секој кој што се огрешил пред законот треба да одговора, дека секој пратеник мора буквално секој имот што го стекнал откако станал функционер, да си го пријави ажурно во Државната комисија за спречување на корупција, што во случајов имаме работи што не се пријавени. И понатаму цврсто ќе стојам до тоа дека ние како функционери мораме да бидеме отчетни пред граѓаните и за секој еден денар треба граѓаните да бидат информирани. Тужби и реакции не сум добила до овој момент, што уште повеќе ми отвара сомнеж дека молчењето можеби е знак на одобрување.
OhridPress: Кои се вашите планови и ангажмани во иднина?
Петкоска: Сега ни претстои повторно расправа за буџетот 2024 година, туак ќе ги додадам и моите заложби во делот на борбата за родова еднаквост како жена, за родово сензитивно собрание, родово сензитивен деловник, при што би сакала исто така да потенцирам дека освен што се бориме за охриѓани и за граѓаните на Охрид, секако како жени се бориме и за еднаква застапеност на жените. Во таа насока сум дел од претседателството на Клубот на пратенички и дел од Комисијата за еднакви можности меѓу маѓите и жените. Како што кажав, ни претстои расправа за буџетот и во таа расправа ќе се обидам делот, ветувањата што ги дала власта да ги побарам повторно и се надевам дека ќе наидам на слух бидејќи барем на крајот од мандатот можат да покажат грижа за охриѓани и барем да ги прифатат овие амандани, со оглед на фактот дека идната Влада ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, секако ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да ги реализира, да не се плашат да ги прифатат, а ние ќе ги реализираме.
OhridPress: Порака до идните пратеници од Охрид во македонското Собрание.
Петкоска: До идните пратеници порака, пред да влезат во Собранието на Република Македонија, да се огледаат на позитивните примери од нивните претходници и да го прифатат сето она, што според нив е правилно и добро во борбата за оние кои што ќе им го дадат гласот и кои што ќе ги испратат таму да бидат нивни претставници и да бидат нивни претставници во вистинска смисла на зборот. Да го пренесуваат секое прашање што ќе стигне до нив, да ја разрешуваат секоја дилема што ги мачи граѓаните и доколку се власт пак, да излегуваат во пресвет и да стојат цврсто на оно што го ветиле, затоа што граѓаните најдобро судат и најдобро знаат кој ја заслужува нивната доверба. Да не се доведат до ситуација да ги разочарат граѓаните во никој случај. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес