Охрид, 24. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Од утре во Охрид ќе се одржува петтата сесија на меѓународната Летна школа за архитектура, во организација на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот Американ Колеџ Скопје и НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид.
Овогодинешната тема на сесијата е „Природни системи“ и ќе биде под раководство на словенечкиот архитект Деан Лах, коосновач и партнер во реномираното архитектонско студио Енота од Љубљана. Гости на меѓународната Летна школа ќе бидат архитектите Крешимир Рогина и Винко Пенезиќ од Хрватска и Јуриј Личен од Словенија.
Свеченото отворање е закажано за 20:00 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“. Академскиот тим на Факултетот за архитектура и дизајн при УАКС ќе работи заедно со студентите при реализацијата на планираните активности.
Во изминативе години на школата гостуваа познати тутори од меѓународната архитектонска сцена, вклучувајќи ги архитектите Јошихару Цукамото и Момојо Каиџима од Јапонија, Симон Хартман, Симон Фроменвилер и Тило Херлих од Швајцарија, Винко Пенезиќ и Крешимир Рогина од Хрватска.
Летната школа во Охрид ќе трае до 2-ри јули. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива