Охрид, 26. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Откако лидерот на партијата Левица Димитар Апасиев денеска на собраниска седница, на струшки дијалект му честиташе на новиот спикер Јован Митрески, не го спомна и градоначалникот на Охрид за кого истакна дека „многу мести тендери“, со реакција се јави и Пецаков.
– Соработката по однос на координираните напади против мене на Левица и СДСМ на денешното гласање за нов спикер на Собранието, добија на интензитет. Така уличарот, шарениот револуционер, соработникот на Катица, катализатор на носењето на власт на платформата „живот за сите“ и естраден уметник Апасиев, рецитирал поезија за Таљат и Јован и ме спомнал мене. Е, сега вака, ко ќе ми ја дајт Јован златната рипка по шо ќе имам три желби, ќе ги искористам на следниов начин: желбата бр. 1 ќе ја искористам да посакам просперитет на Охрид и охриѓани и на цела Македонија, желбата бр. 2 ќе ја искористам да му дајт на Димче Господ ум и кувет и конечно уличарскиот речник, вадењето на полови мали органи на маса и омаловажувањето на македонскиот народ со таквиот речник да го замени, со достоинствен однос како што доликува на една држава како што е Македонија, но и на еден политичар кој што сака да е некаков фактор во земја која е цивилизациска лулка и земја која фолиранти и мики мауси ко него довро ги препознаваат. Желбата бр. 3 ќе ја искористам да му посакам успешен настап и втора победа на Евровизија, после првиот настап и победа која по многу параметри беше историска за одредени целни групи. Можам и да рецитирам ко него, ама ќе остам за во некоја друга прилика, истакна првиот човек на Охрид, градоначалникот, д-р Кирил Пецаков.
Тој додава дека оркестрираниот и синхронизиран напад врз него, го разбира и ќе го издржи.
– Македонскиот народ е доволно интелегентен, да процени и за штениците во самиот политички систем, но и за игрите кои во позадина и се случуваат веќе неколку години на Македонија. Во време кога Македонија ја води најнеспособната влада што некогаш владеела, да се занимаваш со опозицијата (како дел од „опозиција“) и тоа пазите при промена на спикер на Собрание, по повод формирање на техничка влада, говори за намерите и целта на постоењето на одредена партија како што е вашата. Ви благодарам за интересот и за се што правите изминатите години против мене, но јас ќе продолжам по вистинскиот пат, по патот за кој бев избран од охриѓани, по патот кој ќе донесе нови и убави ветришта за Охрид. И да не заборавам пак ќе ве газиме на избори, затоа што друг избор немаме. Крајот ви се ближи, стои во реакцјата на Пецаков. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива