ноември 21, 2021

Охрид, 21. ноември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Денес започнуваме со изградба на булеварот „Македонски просветители“ кој што документационо беше завршен во изминатиот период, порача денеска градоначалникот на Охрид д-р Кирил Пецаков.

– Во моментов само ќе тендерираме уште две работи кои што не беа завршени по однос на документација и бидејќи проектот ќе биде во изградба, односно рокот е шест месеци тековно ќе ги средиме документите и самиот тендер за осветлување, порача Пецаков.

Тој додаде дека така ќе имаме комплетно булеварско решение со двосмерна велосипедска патека, две пешачки патеки и секако две коловозни ленти кои што ќе се движат во двата правци.

Пецаков откри дека за Нова година во Охрид се најавени голем број туристи од земјата и странство и не смееме да дозволиме градот да не биде украсен.

– Тендерот е минимален. Градот ќе биде украсен и ќе изгледа добро за празниците. Предвиден е и скромен настан на Градскиот плоштад со охридски изведувачи, кои ќе ги забавуваат туристите, порача Пецаков.

Денеска во Охрид беше и првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој напомена дека промените започнуваат и тие се гледаат и во Охрид.

– Промените овде во Охрид започнуваат со многу проекти и сериозна динамика во реализацијата на активности оние кои што беа започнати, но и оние кои што сега ќе започнат а беа дел од ветувањата на програмата на Кирил Пецаков. Тоа што за нас е важно е ветувањата кои што ги дадовме пред охриѓани, но и пред граѓаните во Македонија да ги реализираме и исполниме, да создадеме нова иднина што всушност беше и нашата главна порака на овие избори, да покажеме дека не се сите исти. Затоа што на народот му е преку глава од неуспеси и поделби, народот сака да види резултати и конечно да види реализација и исполнување на ветеното. Тоа нас не прави различни од нашиот политички противник, од оваа влада предводена од СДСМ и ДУИ. Ќе се обидеме на локално ниво да покажеме дека можело поинаку и дека можеме сите заедно да работиме чесно и да ги исполниме очекувањата на граѓаните во рамки на можностите се разбира. Нема да критикуваме, нема да се жалиме колку е тешко, тешко е се знае затоа што ако било лесно прво немало да бидеме ние, а второ ако состојбата со општината и со јавните претпријатија кои што се дел од оваа општина била добра, тогаш сигурно немало граѓаните довербата да ја дадат на ВМРО-ДПМНЕ, ќе ја дале довербата на нашите претходници. Така што ако кажеме дека е лошо и дека има направено многу лоши работи и многу криминал нема да ве изненадиме, тоа го знае народот, го знаат охриѓани, ние ќе се фокусираме да ја санираме колку можно состојбата и ќе се фокусираме на испорака на она кое што е ветено пред охриѓани и пред граѓаните на Македонија, истакна Мицкоски. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ВМРО-ДПМНЕ

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука