Охрид, 20. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Плоштадот „Крушевска Република“ ќе добие нов и модерен изглед, а со тоа граѓаните и туристите добиваат ново уредено катче, порача д-р Кирил Пецаков, кандидат за градоначалник на Охрид на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
– На плоштадот му е потребно дополнително уредување, со канделабри со лед-светилки, нова фонтана, хортикултурно уредување со садници и клупи, канти за отпадоци и друга урбана опрема во склоп на плоштадот. Охрид заслужува да биде квалитетно место за живеење, со убаво уредени места каде што ќе се одржуваат познати културни и музички манифестации, како и места каде што охриѓани и туристите има да го поминуваат своето слободно време во релаксирање, разговор и одмор, објави Пецаков на неговиот официјален профил на Facebook.
ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа во Охрид, откако на првиот круг од локалните избори, кандидатот на партијата д-р Кирил Пецаков освои 14.380 гласови и со близу 2.000 гласа предност, оди во вториот круг. Противкандидатот и актуелен градоначалник д-р Константин Георгиески од СДСМ освои 12.460 гласови, додека изненадувањето на овие избори, Гоце Цветковски од ТМРО освои 1.376 гласа.
ВМРО-ДПМНЕ води и на листата на советници каде освоија 10.693 гласа, пред СДСМ со 8.731. Листата на ДУИ освои 2.349 гласа, додека Левица во своето прво појавување освои 1.628 гласа. Од независните листи најмногу гласови освои „Охрид пред се“ со 1.979, додека Независната листа „Охрид има План Б“ освои 1.407 гласа.
Изборите поминаа во релативно мирна атмосфера со неколку помали прекршувања на изборниот процес. Регистрирани се повремени гужви на избирачките места, пред се’ поради делумните проблеми со фингерпринт уредите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива