август 9, 2024

Охрид, 9. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Според последните информации од службите на терен, шестдневната координирана акција за гаснење на пожарите во охридскиот регион има позитивен резултат, информира градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков.

– Во моментот е мирна состојбата со пожарот на потегот помеѓу селата Опеница, Косел, Вапила и Расино и може да се каже дека пожарот на овој потег е веќе ликвидиран. Под контрола и локализиран е пожарот во делот на селото Брежани во Општина Дебрца. Благодарение на вчерашната акција на непристапни терени, успешно е локализиран пожарот на планината Галичица. За жал се уште е активен пожарот од албанска страна во близина на граничниот премин Стење каде што интензивно се делува за да се спречи неговото ширење. Како градоначалник, како охриѓанец и пред се како човек, упатувам огромна благодарност до сите оние кои, неуморно и храбро, секој ден се на терен и учествуваат во гаснењето на пожарите во нашиот регион. Додека огнот со својата моќ ги уништуваше шумските предели, ние бевме сведоци на вистинско човечко херојство. Ова е тешка и ризична работа, работа што бара огромна сила и издржливост. Нивните натчовечки напори и посветеност беа нашата надеж и сигурност дека ситуацијата ќе биде ставена под контрола и дека е спречена секаква закана за имотот и населените места, потенцира Пецаков.

Тој испраќа благодарност до пожарникарите од охридската противпожарна служба, вработените од општинските јавни претпријатија, вработените во ЦУК, ДЗС, НП „Галичица“, ЈП Национални шуми, Шумската полиција, СВР Охрид, Гранична полиција, а особена благодарност испрати до пилотите на хелихоптерите, авионите и специјално обучениот персонал кои учествуваа во гасење на пожарот од воздух.

– Им благодарам и на планинската спасителна служба, Црвениот крст од Охрид, доброволното друштво ентузијасти од Охрид, доброволното друштво пожарникари од Неготино, како и до локалното население од селата Опеница, Вапила и Косел. Благодарност до општествено одговорните фирми ДООЕЛ ЈО-ТИ Ангелоски, ресторан „Кај Мече“, казино „Адмирал“, хотел „Александрија“ и „Топ маркет“. Благодарност до секој поединец, до секоја компанија, до секоја фирма, кои донираа вода, храна и неопходна опрема за нашите храбри пожарникари и волонтери и го помогнаа транспортот на терен. Вашата солидарност и поддршка се сведоштво за силата на заедништвото и хуманоста. Горд сум што покажавме и понатаму ќе докажуваме дека само заедно и со заеднички сили може да се надминат ваквите кризи и да се сочува нашиот регион. Посакувам вакви состојби повеќе да не се повторуваат и да пишуваме и објавуваме само за убави работи, додава Пецаков. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука