Охрид, 1. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охрид го живее шпицот на туристичката сезона, сообраќајните гужви веќе станаа секојдневие, а периодов сѐ поизразено е демонстрирањето на сообраќајна (не)култура.
На оваа тема сме пишувале многу пати, и кога е и кога не е сезона, но иста слика се повторува. Читатели до редакцијата на OhridPress речиси секојдневно испраќаат фотографии од возила паркирани на тротоар.
– Како пешаци не можеме слободно да се движиме по тротоарите, а тука се и родителите со мали деца со колички. Некои возачи дури и се редовни на одредени локации, па како да си ги имаат присвоено тротоарите за приватен паркинг, коментираат граѓаните во прилог на фотографиите.
Апелираат до учесниците во сообраќајот да бидат посовесни и поодговорни, но и што поскоро да се најде решение Охрид конечно да добие катни гаражи што значително би го олесниле паркирањето. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес