Охрид, 6. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – „Во која метафорта името да ти го скријам, за да те има и за да ме имаш Македонијо, татковино моја“ – поздрави при својот говор, поетот Зоран Пејковски, лауреатот на Прличевата награда за поема.
Пејковски, меѓу другото истакна дека е горд што ја добил наградата токму за 65-годишнината од востановувањето на Прличевата награда. Според него, Прличев уште во негово време, поемата ја издигнал на европско и светско ниво.
– Јас никогаш не сум имал намера да пишувам поема, затоа што сметав дека никој од нас, живите писатели, не сме биле достојни за тоа, како Прличев во тоа време. И така секогаш апстрахирав од таквата помисла, секогаш барајќи си ја подготвеноста и духовниот порив во мене, да седнам и да се изборам со белиот лист хартија. И, ете се случи, а се случи во оној момент кога се зафатив да го проуувам Прличев и да ја пишувам драмата посветена токму нему, додаде Пејковски.
Тој додава дека по завршувањето на драмата посветена на Прличев, имал впечаток како неговиот дух да го водел и понатаму. Поемата се родила токму од Охрид.
За поемата „Македонски стар и нов завет“, Пејковски ја прими Прличевата награда и симболична награда, ловоров венец. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес