Охрид, 13. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Иако Светското првенство во Виетнам не помина како што се надевав и очекував, сепак самиот настап е огромен успех и обврска за во иднина, вели охриѓанецот Димитар Пејчиновски, кој заедно со Коста Трифуноски како репрезентативци ја претставуваа Република Македонија на Светското првенство во Текбол.
– После неколку месеци тренинзи и подготовки разочаран сум што го завршив настапот во групна фаза во поединечна конкуренција. Бев во група со светскиот шампион од Романија Апор и со бразилецот Фераз кои се топ 5 играчи, поминувањето ќе значеше и борба за медал, вели Пејчиновски за Супер радио и OhridPress.
Што се однесува до натпреварувањето во парови, потенцира дека поради лоши временски услови изостанала групната фаза, па после само еден меч во нокаут систем со Трифуноски го завршиле натпреварувањето.
– Сакам да го пофалам мојот соиграч Коста Трифуноски кој за кратко време колку го тренира овој спорт успеа да се подготви и достојно да учествува на ова светско првенство, додава Пејчиноски.
Од негово и од име на Трифуноски, тој упати голема благодарност до градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, без чија поддршка, како што рече, не ќе беше возможно нивното учество на ова престижно натпреварување. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Димитар Пејчиновски