Охрид, 11. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во рамки на долгорочната платформа за општествена одговорност „Наша гордост. Наша одговорност“, Пивара Скопје постави пловни препреки на реките Сатеска и Даљан, со оглед на тоа што двете реки се идентификувани како едни од поголемите загадувачи на езерото со пловен и пакувачки отпад.
Ние како Пивара Скопје сме силно посветени на одржливиот развој. Целта на оваа платформа е преку моќта на заедништвото да се поттикнат сите потрошувачи и партнери да ни се приклучат во мисијата за чисти и природни културни обележја, потенцира генералниот директор на Пивара Скопје, Душан Митрев.
– Во февруари ја лансиравме кампањата со која издвојуваме по 1 денар од секое продадено шише Скопско и Скопско Смут стаклено шише со посебна етикета. Собраните средства со помош на нашите потрошувачи и јавноста ги искористивме за активности насочени кон отстранување на тековниот отпад и намалување на загадувањето. Поставивме пловни препреки на реките Сатеска и Даљан, во соработка со општините Охрид и Дебрца, во изведба на нашиот долгорочен партнер Пакомак. Со ова ќе се спречи влевање на отпад во Охридското Езеро и ќе овозможи соодветна слекција и рециклирање на отпадот, потенцира Митрев.
Отпадот ќе се собира, селектира и рециклира што е еден од најлесно применливите модели од циркуларната економија кон која се стремиме, подвелече Иво Брдароски, менаџер за развој на бизнис и комуникации во Пакомак.
– Добро е што вакви европски пракси се имплементираат тука. Пловните препреки што ги поставија стручните тимови на Пакомак, ќе функционираат како физичка бариера која го сопира пловниот и пакувачки отпад за да се заврши во Охридското Езеро. Горди сме штоп сме дел од овој проект и што заедно со Пивара Скопје во континуитет работиме на ефикасни решенија за одржливост и зелена иднина, рече Брдароски.
Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Христина Оџаклиеска се осврна на партнерскиот однос на ресорното министерство со севкупната бизнис заедница заради спроведување на зелената агенда и реализација на заеднички иницијативи за заштита на животната средина.
– Од огромна важност е соработката на институциите и компаниите во напорите за развивање на одржливо управување со отпад преку селекција, собирање и негово рециклирање. Решавањето на проблемот со управување со отпадот несомнено бара силна поддршка од највиоските владини органи па сѐ до граѓанинот. Со воспоставување солиден дијалог, можеме да придонесеме за заштита на Охридското Езеро, но и солидно управување со отпадот. Имплементацијата на Законот за управување со отпад е отпочната во 2005 година, но сé уште не е целосно имплементиран, односно досега не е воспоставена потребната инфраструктура за управување со отпад, од селекција па сé до депонирањето, рече Оџаклиеска.
Градоначалниците на Охрид и Дебрца Кирил Пецаков и Зоран Ногачески, изразија благодарност за ваквата иницијатива и ја повторија отвореноста и во иднина да се поддржуваат вакви платформи.
– Благодарен сум на Пивара Скопје за оваа иницијатива со која ќе се спречи огромни количини отпад од Сатеска и Далјан да завршат во езерото. Она што природата ни го дала како дар, а светот го препознава како светско природно наследство обврзани сме да го заштитиме. Општина Охрид активно работи на низа проекти и активности за заштита на Охридското Езеро. Преземаме решителни чекори за обезбедувње на поголема заштита на биолошката разновидност и континуирано работиме за унапредување на ресурсите со кои располагаме. Ова особено се однесува на третманот и одведувањето на отпадните води од крајбрежните населби и отстранување на критичните точки.
Подготвени сме да поддржиме вакви и слични иницијативи и да соработуваме со сите затоа што заедничка одговорност е да го исчистиме, чуваме и заштитиме нашиот бисер, изјави Пецаков.
– Воодушевен сум што Скопско го препозна овој проблем и потребата за поставувањето на пловната препрека токму на сливот на Сатеска. Општина Дебрца останува посветена на заштита на Охридското Езеро и отворена за соработка на сите платформи со заедничка цел зачувување на природното богатство на нашиот крај. Ваквите активности како што ги спроведува Скопско треба да претставуваат значаен поттик и за други општествено одговорни компании. Сепак заштитата на Охридското Езеро не е само заради УНЕСКО, туку пред сѐ заради нас самите, рече на прес конференцијата градоначалникот Ногачески.
Во досега реализираните активности се вклучија нуркачките клубови, волонтери, активисти од трите општини и многу заинтересирани граѓани кои заедно чистеа на повеќе локации во и околу езерото. Во изминатите неколку недели се организираа акции за чистење во Охрид, Струга и Дебрца и на трите локации беа собрани 200 кеси со отпад.
Скопско во рамки на платформата „Наша гордост. Наша одговорност“ продолжува со кампања за подигнување на свесноста и упатува апел до сите да се вклучат во акциите што ќе следат. Повеќе информации и можност за пријавување за акциите за чистење може да се најдат на веб страната skopsko.mk. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес