октомври 23, 2014

За Охридцките работи Бр. сл. 004/04/2013 Охрид, 14. јуни 2013 година

Редовиве кои следуваат ги пишував за ИНПРЕС на 6. август 2011 година како реакција на написите на неколку наши колеги од Скопје кои како по традиција пред секое лето пишуваа долги и мрачни колумни дека имало змии во езерото, било загадено, охриѓани биле намуртени, дека добиле мала и ладна плескавица, топло било пивото, високи биле цените за такси и сл.

Пред некој ден ми го испрати линкот назад еден пријател за да ме потсети дека не ни биле тие повеќе криви и дека доволно добро сами сме си „го копале гробот“.

Кога ќе размисли човек, и во право е пријателов. Стотка за Плаошник, наплатата за прошетка по Галичица, локални вести дека Охрид бил најскап, па таксистите краделе… Така си е… Не ни се криви повеќе „скопјанишчана“ кога си имаме толку активни „локални душмани“.

Во меѓувреме локалциве продолжуваат да се занимаваат самите со себе и блажено сите заедно чекаме да им помине „медениот месец од 100 дена“ па да видиме и ние, а и тие со кого си имаме работа. Но ајде уште дваесетина дена, па ќе има многу „месо“ тука за пишување. До сега најверојатно се навикнаа на новата средина, видоа со кого (мора) да работат и сигурно се измеркаа со „староседелците“ кои ги наследија. А нив ги има богами поприлично. Се некако ми се чини дека докторот-градоначалник веќе виде со кого се си има работа и на кои се места му се врзани рацете. Ако имате први луѓе на одделенија со (скоро па) менаџерски договори, сосема е нормално да се случуваат интересни пикантерии, па кој од кого смеел да побара апарат, па кој кого ќе тужел за мобинг… Ајде, уште малку… Важно „татковци“ добивме, а и со Субрата ќе биднела работата, ама во другиот мандат… Колку да не се секирате…

А сега писанието за Климета (надградено и проширено)…

Aк не ви чинит, да не идате појќе! (Part II)

Ова е легендарната реплика со која охриѓани се бранат кога „скопјанишчана“ им се жалат дека пивото било топло, а плескавиците ладни, дека немало ренде, дека „енѕероно“ било ладно, дека змии имало, дека било скапо….

Драги мои, она што секако НЕ СМЕЕМЕ да го дозволиме е од урбаните легенди да правиме правила. Сигурно дека некогаш пивото било топло, сигурно дека некогаш плескавицата била ладна, можеби и ренде немало….но дали е тоа правило. А и да се разбереме, не е Охрид најголемиот туристички центар во државава, туку секако Скопје. Можеби некој треба да напише и за „тажните приказни“ кои студентите (како гости секако) во Скопје имаат да ги раскажат за нивните скопски газди. Тоа се случаи, но никако правила.

Охрид живее и се гуши со своите огромни проблеми, проблеми кои се закануваат од него да направат нешто што ќе биде сосема непрепознатливо, а најмалку „најголемиот туристички центар во Република Македонија“.

Зар вие сериозно мислите дека сите охриѓани одат со 3/4 панталони на риби секое утро, се викаат Климе, имаат кајче, секој збор го завршуваат со Т, се капат со шампон В`енѕеро и имаат по една вуду кукла од најомразениот скопјанец која ја бодат со игли секоја вечер! Па и тие „урбани легенди“ кои сте ги запишале и не се најинтересните за охриѓани. Ги има толку многу и далеку поинтересни. Но тоа е духот на градот и тој треба да се негува (секако во нормални граници), а не да се уништува. Каков би бил препознатливиот дух на Македонија без влијанието на Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци…?

Тешко а…

Охрид (за жал) е град кој е во сериозна агонија. Секој се снаоѓа како знае и умее. Фабриките не работат, просечната плата е 6-9.000 денари и со неа се доцни со месеци. Можеби сега Ви се појасни (кутрите) мои сограѓани кои стојат на жешкото сонце по булеварот кој (каква иронија) го викаме „Туристичка“ и чекаат гости. Зар помисливте дека тоа го прават од задоволство?

Ако нешто сега не ни треба воопшто тоа се секако споредбите. Дека во Грција цените биле вакви или такви, дека Албанија била следното туристичко чудо „ама рано и било“. Албанија е сериозно во подем, но ќе мора да се сложиме дека е на нивото на една Грција од пред 20-тина години. Пределите таму неодоливо потсетуваат на една Лептокарија од пред исто толку години кога имаше само куќа во која газдите ги издаваа собите на гости, а спиеја во подрумот (познато од негде?) и ниви наоколу. Од друга страна Грција е таква каква што е, цените се добро познати и со еден одличен пристап и редовните попусти успеваат да привлечат огромен број туристи од Македонија. Да се разбереме, 70-тина евра за 7 дена на Крф…Па кој би ја одбил таквата понуда? Македонците се меѓу најчестите гости таму и во шпицот на сезоната кога е најскапо, а како Грците враќаат за тоа, тоа е барем јасно.

Она што мојот Охрид мора да го разбере е дека тоа е сосема друга лига. Не можеме да мешаме баби и жаби. Треба конкретна стратегија, треба млади, писмени, културни, прошетани и професионални луѓе кои ќе направат повеќегодишен план, секако во консултација со експертите од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид или од надвор зошто да не. Еднаш мора да се започне и да се постават работите на стабилни нозе. Не може секоја куќа да издава соби за 300 денари, а вие да глумите дека развивате висок туризам. Не може во иста вечер во Охрид да имате културен настан од светско ниво, а три локали лево да завива некоја „певаљка“ затоа што нели „тоа го сакале гостите“. Не може да имате 10 настани од светски калибар во три дена. Сеуште се во свежо сеќавање моментите од пред некоја година кога виолинистите во Света Софија ги молеа организаторите да реагираат кај сопствениците на кафе барот наспроти да ја намали музиката за да можат да го довршат делото.

Никој не бара да се пишуваат текстови во кои ќе се велича Охрид. Треба само да се биде реален и да се апострофираат проблемите онаму каде што се, а не од „кафе муабет“ да се прави правило. Ако е се така црно, тогаш нешто сериозно не е во ред со илјадниците туристи кои упорно доаѓаат секоја година.

Ова „Ак не ви чинит, да не идате појќе!“, верувајте дека го боли секој охриѓанец кога ќе го каже, но слична би била и реакцијата ако некој ви ја нападне „вашата територија“, па од кој и да доаѓате град. Охрид без „скопјанишчана“ нема да е истиот Охрид на лето. Исто како и без „Србишчана“ кои ги има се помалку па сега ги бараме, исто и без „Албанцине“ кои со либерализацијата на визниот режим го заборавија Охрид, исто и со „Бугарине“ за кои Охрид останува само убав спомен. Македонија треба да му помогне на Охрид, но институционално. Да застане на нозе и конечно да се пронајде себе си. Да се види досега „уништеното“ и (ако веќе може) да се тргне напред.

Сосема за крај:

odohridsiako

Сите кои се мислите дали да дојдете ова лето во Охрид – Добредојдени сте во Охрид, најискрено и со цело срце!

Поздрав од Климе со 3/4 панталони, со кајче, се капи В`енѕеро и нема вуду кукла

Сашо Митан

ПС: За да не им објаснуваме на сите поединечно, зошто немало напис минатата недела. „За Охридцките работи“ не е неделен проект, ниту е колумна. Кога ќе се наполни чашата, ја преточуваме во ново писание и така… До следната чаша…

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука