Охрид, 21. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – До редакцијата на Супер радио и OhridPress пристигна писмо од граѓанин кои реагираат на состојбата на дел од патната инфраструктура во градот
.
Писмото го објавуваме во целост:
Причина за оваа реакција е информацијата која пред неколку дена се појави по локалните медиуми, а која произлезе од Општина Охрид, пропратена и со фотографии, во која беше наведено кои сè улици низ градот биле асфалтирани. Сакаме (и со неколку фотографии) да споделиме со јавноста, со нашите сограѓани, уште еден пример, на, овојпат, нецелосно асфалтирана улица. Да се види како општинските служби селективно си ја вршат својата работа.
Имено, се работи за една помала улица, која е дел од „Момчило Јорданоски“. Пред неколку години, сопствениците на куќи на дел од улицата, самоиницијативно, преку самопридонес, поставија асфалт. Не помина многу време, општината, преку свое јавно претпријатие, започна со поставување канализациона мрежа. За таа потреба, свежо асфалтираната улица се ископа на средина, но откако работите завршија, само се затрупа со земја и така остана неколку години. Никој не дојде, како што, претпоставуваме, наложуваат правилата, да ја врати во првобитна состојба улицата. Она што уште повеќе нè вознемири, е што тоа сме го платиле од сопствен џеб, а сега, немаше слух да се санира.
Оваа улица (или уличка) се наоѓа во непосредна близина на улицата која со голема помпа, со сечење црвени ленти, присуство на медиуми, минатата година се асфалтира и се отвори лично од градоначалникот. Во непосредна близина на Градската болница. И тогаш, по огромни реакции на сопствениците на куќи и колективни станбени згради, по медиумски објави, се изврши асфалтирањето и поставување тротоар од едната страна. Неодамна, двете улички кои се поврзуваат со нашата, а дополнително и со таа улица, беа асфалтирани, на што претходеше тампонирање и припрема на теренот. Ќе забележите, од фотографиите, новиот слој асфалт зафати и еден краен дел од веќе асфалтираниот (и раскопан) крак на нашата уличка, но наместо да продолжи уште триесеттина метри, застана тука, а до крајот на улицата, во преостанатиот дел, само се асфалтира средината, иако, со текот на годините, од песокот, ситните камења, од она што после дождовите и ветровитото време се распрскуваше по уличката, почна да страда и постариот асфалт (се забележува на една од фотографиите).
Уредно ги плаќаме сите комунални давачки, сите даноци, ги почитуваме сите правила. Сметавме дека и општината, како институција која би требало да работи за сите граѓани, за подобрување на условите на живот и инфраструктура, ќе нè испочитува, и нема да биде проблем поставување еден тенок слој нов асфалт, за да не биде уличката како што е, еден мал дел саниран и споен со останатите две улички, потполно асфалтиран, а останатиот дел само прикрпен. Не се согласуваме со овој селективен пристап на службите. Имаме надеж дека овој превид би можел да се коригира и улицата целосно да се асфалтира. На потег е локалната самоуправа (соодветните служби), да покаже доблест и спремност за објективно делување. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива