Охрид, 12. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – На триесет и четиригодишниот М.К. од Охрид изречена му е забрана за заканување дека ќе стори семејно насилство, забрана за малтретирање и вознемирување на неговата сопруга, задолжително лекување од алкохолизам и задолжително лекување од психичко заболување.
Како што информира СВР Охрид, по прифатениот предлог на полицијата и според донесеното решение од страна на Основниот суд Охрид, мерките ќе траат една година, а ќе бидат спроведувани од СВР Охрид и подрачните медицински установи во градот.
– Предлогот, СВР Охрид го поднесе откако на 14-ти минатиот месец, М.К. видно под дејство на алкохол, вербално ја навредувал својата сопруга и и’ се заканувал дека ќе ја убие по што физички ја нападнал влечејќи ја за облеката и удирајќи ја со тупаници. Настанот се случил во еден хотел во Охрид при организирана прослава на празникот „Свети Василиј Велики“. По извршено алкотестирање, кај М.К. се констатирани 2,75 промили алкохол во крвта, информираат од СВР Охрид.
Ова е втор случај на вакви изречени мерки за сторители на семејно насилство во текот на месецов. Минатата седмица, полицијата предложи а Судот одреди слични мерки против 51-годишниот А.М. од селото Лескоец кој пијан на членовите на своето семејство им се заканувал дека ќе ги убие и дека ќе ја запали семејната куќа. Освен тоа, на насилникот му е изречена и мерката отстранување од домот без оглед на сопственоста. (Крај)
извор: СВР Охрид фото: архива