септември 29, 2019

Охрид, 29. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – По стартот на целата постапка, платформите викендов полека се отстрануваат, а утрово се работеше на дел од нив.

Градежни работници отстрануваат дел од платформите, додека кај дел постапката воопшто не е започната.

Image may contain: outdoor and water

Сопствениците претходно прифатија сами да ги уриваат платформите, по што инспекторите заминаа од местото на настанот, заедно со работниците од фирмата која на тендер беше одбрана за уривање на дивиградбите и најавија дека ќе вршат контрола на постапката во текот на викендот.

Сопствениците сами ќе ги уриваат платформите, инспекторите ќе вршат контрола

Од охридската локална самоуправа по стартот на активностите порачаа дека во согласност со законските процедури и Акцискиот план за постапување по препораките од последниот состанок на Комитетот за заштита на светското културно и природно наследство на УНЕСКО, ги продолжиле активностите во рамки на Акцијата за отстранување на бесправно изградените објекти.

– Градежните инспектори при општина Охрид заедно со екипите кои се ангажирани за спроведување на акцијата, пристапија кон отстранување на дивопоставените платформи од угостителските објекти, кои се лоцирани на крајбрежјето на Охридското Езеро во потегот од месноста „Ј’но“, до наслебата „Канео“. Дел од сопствениците на угостителските објекти кои претходно имаа добиено известувања за извршување, веќе имаа ангажирано сопствени екипи и веќе постапуваа во согласност со издадените решенија за отстранување на објектите. Во текот на денешниот ден и во текот на престојниот викенд, општинските инспектори ќе вршат контроли на активностите за отстранување на платформите. Доколку не се постапува согласно најавеното, општината ќе продолжи да ги извршува активностите за отстранување според предвидената динамика. Општина Охрид го поздравува потегот на угостителите кои одлучија сами да ги отстранат дивопоставените платформи и уште еднаш потенцира дека е сериозно посветена на успешноста на целокупната акција за отстранување на дивоградбите и успешноста на целокупниот процес за исполнување на препораките, со цел Охрид да го зачува статусот на град заштитен под УНЕСКО, информираат од општина Охрид.

Општина Охрид: Се отстрануваат бесправно изградените објекти од „Ј’но“ до „Канео“

Градоначалникот на Охрид д-р Константин Георгиески истакна дека ако општината претходно постапувала така како што се постапува сега на секоја активност на дива градба да се пристапи кон отстранување по основ на решение, ќе немавме проблем со бесправно изградени објекти.

– Дел од угостителите почнаа сами да ги отстрануваат платформите. Сите тие добија решенија за извршување, им дадовме рок од три дена, ако не ги отстранат да ги отстраниме ние. Платформите ќе се отстрануваат целосно како на угостителските објекти така и на плажите, истакна неодамна Георгиески. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука