октомври 24, 2014

Охрид, 24. октомври 2014 (ОхридПрес) – Томе Плевнеш е човек кого животот го води низ две паралелни патеки, економијата и музиката. Иако музиката е неговата најголема љубов сепак, заради материјалната состојба и тешките времиња не бил во можност да го образува својот глас во европските оперски метрополи.

Во интервју за Ohridpress и Супер радио вели дека деновите во лето ги поминува во неговото кајче со кое превезува туристи на кои умее да им запее по некоја песна, ама и да им раскаже за шармот на Охридското Езеро, а во зима ужива на гости кај внуците во Скопје.

Супер радио: Имате 83 години, а сепак се уште сте активен на полето на музиката. Дали тоа значи дека музиката е вашата најголема љубов?

Плевнеш: Да, музиката е мојата опсесија. Со неа пораснав, а со неа се уште живеам. Во догледно време планирам да го отпеам и првиот македонски шлагер за Охридското Езеро што го пееше Никола Автоски. Знаете, шлагерите повторно се враќаат во мода.

Но најмногу ми е жал што во тоа време се отпеа „Орфеј“ каде што имаше сцена со харфа. Сцената беше Охридското Езеро со испуштените рибарски мрежи. Немаше нешто поубаво од тоа. Тоа беше такавиканиот хангар, бродоградилиште на војската кај поранешниот хотел „Парк“. Колку пари се фрлија за адаптација на тоа бродоградилиште во сцена и ништо од тоа. Се уште стојат шините и многу ми е жал што веќе ја нема таа сцена.

Супер радио: Вие тука свиревте, на таа сцена?

Плевнеш: Да, тоа беше поморска флота. Назад беше шталата со коњи и од штала стана туристички објект. Тука ние организиравме игранки исто како што започнавме и во Варош, каде што е сега Галеријата на икони во кругот на црквата „Света Богородица-Перивлепта“ и основното училиште „Свети Климент“. Тука беше училиштето. Имаше активности за време на празниците и тука се одвиваа сите културни настани.

Културните случувања се одржуваа и во такавиканото одморалиште на Синдикални. Имавме прекрасни сали кои тогаш цутеа, а сега се мртвило. Како ученик сум учествувал во изградбата на тој хотел. Носевме тезга со тули и тогаш паметам многу се повредив. Сум згазнал на клинец и по анагжамот, на враќање кај Рача –ногата не оди. Моите ме одведоа кај докторот Шорко. Тогаш немаше инјекција против труење. Ми дадоа бурова вода, да ставам облоги за да се изгубат јагарците кои се прават при труење.

Супер радио: Пред да споменеме кои биле најголемите музички сцени во Охрид, ќе ни раскажете ли каде се вашите почетоци и другарувањето со музиката?

Плевнеш: Најпрвин во основното училиште „Свети Климент“, а потоа во нашата охридска гимназија која тогаш се викаше „Борис Кидрич“. Ја давав „Сердарот“ од Прличев. Тука немаше многу пеење но имаше неколку партии каде што требаше јас да пејам. Тоа беа првите никулци на мојот културен живот и другарувањето со музиката. Потоа продолжив во средното образование во гимназискиот хор каде што бев најактивен. Потоа го продолжив средното образование по економија во Битола. Во периодот од 1948 до 1952 година завршив средно економско. Имавме еден учител, се викаше Боро Чоланчески, по потекло од Галичник кој имаше два факултета. Рече ќе ја работиме „Снежана и седумте џуџиња“ и тоа го направиме.

Супер радио: Животот сепак и натаму продолжи да Ве води паралелно низ две патеки, економијата и музиката?

Плевнеш: Во право сте. Продолжив да студирам економски факултет во Скопје. Успешно ја заокружив првата година од студиите, но кога стигнав во втората година, татко ми ми рече дека не може да ме издржува повеќе. Мојот брат Виктор студираше во Скопје, а другиот брат Ацо во Загреб. Четворица, заедно со мајка ми, се издржувавме само од платата на татко ми. Знаете, како што е наш ред и обичај, најмалиот секогаш оди со родителите. Татко ми ми рече да се вратам назад, но јас останав во Скопје.Бев амбициозен и решив да останам во Скопје.

Отидов во Оперската куќа на аудиција. Се примаа членови за оперскиот хор и јас поднесов молба. Тогаш и Крсте Петкоски од Старото охридско кино конкурира, но преку диригентот Скаловски, а јас бев сам и никого не познавав. Отпеав тоа што требаше. Ме прашаа што барам таму. Им кажав дека семејството нема пари да ме издржува и дека морам да заработувам сам за да го завршам факултетот. Ми рекоа дека сум примен, но дека морам да го школувам својот глас во големите метрополи, како во Рим и Милано. Тогаш веќе влегував во една професионална работа. Тогаш тоа што ќе го завршеше веднаш потоа и го работеше. Не се мислеа луѓето за работа. Но да се навратам на Оперската куќа. Таму пеев четири-пет години и отпеав повеќе од 20 опери. Се изнаслушав опери, го изнагледав Петре Прличко. Не успеав да се школувам во Милано или Рим, ама никогаш не се откажав од музиката.

Супер радио: Вие бевте тенор во Операта?

Плевнеш: Бев прв тенор во хорот. Тенорот е најбаран во хорската уметност воопшто. Басови и баритони има, но тенорите поретко излегуваат.

Убав беше тој период, но дојде време за војска. Тогаш до 28 години мораше да го отслужиш воениот рок. Ми го чуваа местото во Опера зашто ме ценеа како добар глас кој има иднина. Мајка ми ме убедуваше да се вратам назад во Охрид како најмал син, а таму имаше слушање музика, гледање балет, драми, образование кое може да го стекнува само оној кој е талентиран, зашто неталентиран човек не може да влезе и да остане во таа куќа. Се вратив во Охрид. Ме примија во книговодството на банката.

Супер радио: Ама од музиката никако не се откажавте. Таа беше ваше секојдневие и во натамошниот дел од животот по враќањето од Скопје во Охрид?

Плевнеш: Овде сакам да ви раскажам една случка. Еден ден, се женеше мој колега од банката од Пештани, Јордан Цаноски. Отидовме со сега покојниот колега Рајчо Патчев во Пештани и на враќање навративме во хотелот во Синдикални кој тогаш цутеше зашто имаше пари, стандард и посетители. Охрид тогаш беше неоткриен туристички град. Влеговме внатре каде што свиреше Кузман Поп Стефанија со неговата тајфа, ансамблот „Билјана“. Ние бевме и соседи со него. Тогаш тој рече: „Еве го Томе што пее во Опера. Ајде да видиме каков глас има“. Настапив со две песни. Ме праша дали сакам да свирам во нивниот оркестар а јас прифатив.Така почна мојата професионална работа по објектите, а воедно бев и службеник. Паралелно ги вршев двете работи.

Супер радио: Какви песни пеевте и свиревте тогаш во охридските хотели?

Плевнеш: Најмногу бевме застапени со охридскиот мелос. Но почнаа да се одржуваат разни семинари и конгреси и Охрид допрва се откриваше, па моравме да го градиме репертоарот во духот на СФРЈ. Мораше да пееме и на српски, на хрватски, на словенечки, на босански. Го градевме и репертоарот, и себеси, а ги задоволувавме и музичките вкусови на нашите гледачи кои сакаа да се разонодуваат.

Супер радио: Денеска доколку се испее песна на јазик од некоја наша соседна земја, се смета дека тоа е провокативна песна. Како беше во вашето време?

Плевнеш: Да, точно е дека денеска веднаш се ставаат етикети. Но тогаш не важеше зборот „провокативна“ зашто охридските песни претежно се пеат на македонско-бугарски текст. Така биле печатени и така ги пеееме. Имаше еден случај со претседателот Киро Глигоров кога дојде во хотелот „Палас“ и преку неговиот агент праша зошто песните се пеат на мешан јазик. Така сме ги слушале од Садило и така ги пееме, беше одговорот. Ќе ме радува ако во догледно време успееме да ги преведеме на македонски јазик, но сето тоа во македонски дух и да одговара стилски.

tomeplevnes2

Супер радио: Која од сцените каде што сте свиреле и пееле ќе ви остане во долго сеќавање како најдобра или една од најдобрите во Охрид?

Плевнеш: Дефинитивно хотелот „Палас“. Тоа беше врвен туристички објект, а сега е врвна гробница. Како што се распадна Југославија, се премина на приватен капитал, општината немаше сила да го одржува тој објект, па беше во мирување, а потоа и во ликвидација. Сега гледам светилки светат околу него за да се види таа прекрасна фасада на хотелот.

Инаку, видни личности доаѓаа во тој прекрасен парк на „Палас“. Имаше бина за секакви пригоди која беше изградена со чинии. Секој конгрес се одржуваше во „Палас“ зашто немаше услови во другите хотели, освен синдикалната сала.

Супер радио: Значи ли тоа дека во Вашето време Охрид беше во еден туристички зародиш?

Плевнеш: Иднината на Охрид е во туризмот, но за жал, тогаш отворија само фабрики на чело со Пашата, Шапкар… Од градот направија индустрија. Туризмот заостана, но по неколку години се увиде дека тој всушност има иднина и почнаа да градат хотели.

Супер радио: Вашиот музички ген го наследи синот Влатко Плевнеш кој заедно со својата сопруга Силви со години ги гледаме и слушаме како „Силви бенд“. Но дали вие сте го наследиле музичкиот ген од Вашите родители?

Плевнеш: Мојот покоен татко, во далечната 1932 до 1936 година живееше во Струга, а таму имаше иселеници од тогашна царска Русија. Имаше двајца видни лекари кои многу придонесоа за струшката култура и развојот на културниот живот во градот. Тие создадоа една пресвртница. Тогаш татко ми свиреше виолина во оркестарот. За да бидеш член на тој оркестар, сепак треба да имаш познавање. Јас тогаш бев мал. Но по кажувањето на моите родители, и тие биле дел од културно-забавниот живот на градот. Во тие години татко ми бил писарски службеник. Пренесувајќи се како служба од еден во друг град бевме во Кичево, а по 1936 година бил преместен во Охрид. Оттогаш живееме во овој град.
Исто така и мојот брат Виктор беше диригент во гимназијата во Охрид. Јас пак, претежно пеев.

Супер радио: Вам не ви било судено да ја продолжите музичката кариера како единствена професија, ама Вашиот син професионално се занимава со музика.

Плевнеш: Во Охрид се отвори основното музичко училиште. Таму ги запишав мојата ќерка Маргарита и синот Влатко. Покажаа добар успех. Маргарита имаше уште поголем афинитет кон музиката, но за жал, се ориентира кон друг профил. Исклучително е талентирана но ретко се осудува да запее пред врвен пејач ама и пред мене и ден-денес не знам зошто е тоа така. Сепак и двајцата музички се образувани. За празникот Свети Никола во домот на татко ми се славеше, се пееја староградските песни.

Супер радио: Претпоставувам, таквите собиранки денеска фалат и кај Вас, исто како и во речиси секој модерен дом?

Плевнеш: Фали, навистина многу фали. Неодамна имаше емисија на една загрепска телевизија во која се зборуваше како се оттуѓува човекот од музиката и пријателите, со оглед на тоа што телевизијата нагло дојде. Ориентацијата на луѓето денеска премина дома, но со телевизијата. Таа го окупира народот и јавните настапи. Седиш во топло и удобно и ги следиш културните случувања преку екранот, гледаш филм, драма, концерт на гудачки оркестар. Сите можности за усовршувањето на еден интелектуалец денеска се потпреа на телевизијата. Но секое време си носи свои негативни но и добро промени.

Супер радио: До кога беше мошне активен културно-забавниот живот во Охрид со музиката во живо?

Плевнеш: Тоа траеше се’ до 1980 година со јавни настапи во училиштата кои имаа сали и хотелите кои имаа услови за тоа. Домот на културата беше главен фактор за усовршување во музиката и градењето на музичката култура. Со тоа се даде нова димензија на музиката, посебно на фолклорот. Го имавме професорот Номче Гаврилоски кој рече вака„Охрид е туристички град, но мора да се гради заради тие што доаѓаат заради фолклорот“. Со него го градевме градскиот хор и оркестар.

Супер радио: Се уште сте дел од градскиот хор во Охрид?

Плевнеш: Да, тоа е мој хор. Неколку месеци во зимскиот период со сопругата се преселуваме во Скопје на гости кај внуците, ама секогаш кога сум тука го посетувам хорот.На пролет се враќаме назад во Охрид. Јас сум еден од најстарите членови на Домот на културата. Таму сум од 1959 година.

Супер радио: А кога сте во Охрид, знаете сончевите и топли денови да ги поминувате во Вашето кајче. Не ретко, на туристите им ги раскажувате и убавините на градот, а посебно на езерото. Каква магија им пренесувате низ прошетките по езерото?

Плевнеш: Кајчето ми е прва љубов. Да ви кажам, туристите доаѓаат да се возат со мене. Кога ќе влезат ќе им запејам некоја песна, а тие се восхитуваат. На едни туристи им реков дека во Охрид шарм е езерото. Ме прашаа зошто. Јас им кажав дека ќе ги однесам во длабочините за да се огледаат во убавата сина вода. Сфаќаат што е убавината и шармот на Охридското Езеро. Читам дека градот и езерото е меѓу петте најубави градови во светот и со тоа се гордеам, затоа никогаш и за ништо не би го менувал Охрид. (Крај/А.Р.)

извор: Супер радио фото: Супер радио

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука