Охрид, 28. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Најмалку два до три милиони евра „тежат“ пловните објекти кои во моментов се наоѓаат во каналот „Студенчишта“ во Охрид.
Екипата на OhridPress деновиве изброи повеќе од 250 пловни објекти – глисери со разни големини, помали јахти, катамарани и бродови, како и педесетина кајчиња кои се наоѓаат во каналот. Оваа бројка во текот на летните месеци беше далеку поголема, а по завршетокот на сезоната, голем број од овие пловила се или однесени во посебни објекти за чување за време на зимската сезона, или се чуваат од страна на сопствениците.
Според добрите познавачи, цените на глисерите од класа на глисерите во охридскиот канал најчесто се движат од 10 до 15 илјади евра и нагоре. Цената на бродовите е неколку пати повисока, во зависност од годината на производство, големината, опременоста и други параметри. Со овие цени стигнуваме до фантастични бројки од најмалку два до три милиони евра.
Прегледот на поголемите портали за продажба, како pazar3 покажува дека глисерите се продаваат по цени од 15.000 евра и повеќе, што вкупната сума ја прави уште повисока. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес