Скопје, 23. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – „Младите можат“ со поддршка на Амбасадата на САД во Република Македонија, по трет пат ги повикува сите млади од Македонија да поттикнат општествена промена преку учество на натпреварот „Ослободи ја идејата“.
За учество треба да се состави тим од 3 до 5 млади ентузијасти на возраст од 16 до 26 години. Нивните предлози за предизвиците во заедницата кои ги засегаат младите, преку изготвен план треба да се испратат на веб-страницата на „Младите можат“.
По истекувањето на рокот за пријавување, петте тимови со најрелевантна, најиновативна и најизводлива идеја ќе продолжат во наредната фаза од проектот, при што ќе добијат поддршка за развој на идејата преку остварување менторски средби и консултации. При крајот на месец април тимовите ќе имаат можност да ја презентираат својата идеја за иницијатива и да ја убедат публиката и жири-комисијата за потребата за решавање на проблемот и креативноста на понуденото решение.
Победничкиот тим ќе добие поддршка од „Младите можат“ за имплементирање на иницијативата и награда за целиот тим.
Рокот за аплицирање трае до 5-ти април. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива