Поврзаноста на Свети Климент Охридски со Свети Климент Римски
декември 8, 2024

Охрид, 8. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Поврзаноста на овие двајца истоимени светители, епископи на двата важни центра Рим и Охрид, е предизвикана од некои настани опишани во житијата. Бидејќи таму нема конкретни и точни податоци и докази, во науката се создадени претпоставки и тези со кои е формирана поврзаност меѓу настаните и личностите.

Сепак, во славистиката постои едно аргументирано навраќање во оваа сфера, предизвикано од текстот во Второто житие на Свети Наум, каде што се запишани имињата на Климент и Наум, како ракоположени во свештенички чин, во Рим.

И тргна научното барателство во потрага по смислата и поврзаноста на името на Свети Климента со друга личност под тоа име. Во тој од по патеките на откривањето се направи една многу природна и можна поврзаност на Свети Климент Охридски со Свети Климент Римски. Кои беа причините за тоа?

Поради пронаоѓањето на моштите од Свети Климент Римски

Значаен настан од животот и дејноста на Светите браќа Кирил и Методиј е пронаоѓањето на моштите од в море фрлениот маченик Свети Климент Римски, ученик на Свети апостол Петар и по него трет наследник на Римската црква. 4 Тој бил протеран од Рим на заточение во Крим, а Свети Кирил, за време на Хазарската мисија, во Херсон ги пронашол моштите на римскиот епископ Климент. Оттаму произлегло мислењето кај научниците дека Свети Климент Охридски го добил монашкото име според името на Свети Климент Римски. Така мислат Туницки, Снегаров, Георгиев и Красимир Станчев, кој претпазливо вели: „той вероятно дължи и духовното си име“ и додава: „диховното име Климент, което не е традиционално за Константинополската цръква, е най-логично да бъде дадено в чест на папа Климент Римски“. Умерено посочува и академикот Харалампие Поленаковиќ, кога вели: „Сакам да го истакнам фактот дека во славистичката наука постојат претпоставки оти Климент можел да учествува и во мисијата што браќата Кирил и Методиј ја воделе кај Хазарите, 859-861. Уште се додава, во оваа претпоставка, дека тој можел и да го добие (монашкото) име Климент во чест на откривањето на моштите на папата Климент“. Потоа, и за можноста да се случило тоа во Рим, вели: „Можело на папата да му падне напамет: еден од словенските учители, кој толку долго ги придружувал (можеби и ги носел) моштите на папата Климент, да го носи во идниот свој живот и името на Климента маченикот“.

Поради ракополагањето во Рим

Поврзаноста со пронајдените мошти од Свети Климент Римски и нивното пренесување од Херсон во Константинопол, а потоа во Рим 14 и податоците за ракополагање на некои од учениците на Свети Кирил и Методиј од папата Адријан II, наметнува да се претполага дека и Свети Климент е ракоположен за свештеник во 867/8 година во Рим и го добил името Климент, според римскиот епископ. Тогаш и ги исполнувал канонските услови за возраста, ако се земе дека Свети Климент е роден околу 840 година, меѓу 836 и 846. А Илиев вели „във връзка с този факт са исказани предположения, че Климент бил един от новопосветените презвитери“. Уште со податоците за пронајдените мошти на Свети Климент Римски, во Херсон, се поттикнува мислата дека името на Свети Климент Охридски е поврзано со Свети Климент Римски. Секако, тоа бил голем настан за целата Христова црква, а особено за Римската црква, која со посебни почести ги пречекала Светите Кирил и Методиј и нивните ученици кога пристигнале во Рим и папата го одобрил нивното дело: го благословил новото писмо на старомакедонски словенски јазик, ги осветил напишаните книги и ја поддржал мисијата на Седмочислениците.

Ваквата логичност е лесно прифатлива, но е без аргументи. Но сите го прифатија мислењето дека е тоа така, иако цврсти докази нема, а се темели само врз логична последователност и најприфатлива веројатност. Сепак, такво е мислењето. И тоа останува. Така цитираме. И не го отфрламе ова мислење, туку овој пат го дообјаснуваме со библиски и со богословски гледишта и факти. А тоа значи дека откриваме и ново сознание. Го откриваме библиското име на Свети Климент.

Добра е поврзаноста со Свети Климент Римски, ученикот на апостол Петар, бидејќи секогаш во житијата се тежнеело да се сврзат името, ликот и делото на светителот со апостолите и со нивните ученици или со првите учители, маченици и светии во Црквата Христова. На овој начин Свети Климент Охридски допира до апостолите, односно до нивните ученици. (Крај)

извор: Нова Македонија/проф. д-р Ратомир Грозданоски фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука