септември 23, 2021

Охрид, 23. септември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Во организација на Институтот ОХРИД, денеска ќе се одржи традиционалното потпишување на Декларација за фер, слободни и демократски избори меѓу претседателите на подмладоците на политичките партии.

Со овој чекор, како што наведува Институтот, подмладоците на политичките партии ќе покажат заложба за спроведување на слободни, фер и демократски избори, како и за достоинствена и фер предизборна кампања, а воедно ќе ја искажат својата решителност да се борат против говорот на омраза и да промовираат намалување и отстранување на говорот на омраза во општеството.

Потпишувањето на оваа декларација ќе пренесе јасна порака до целата македонска јавност дека младите политичари како идни носители на одлуки, имаат силна волја, капацитет и одлучност да бидат идни лидери и да создадат поинаква политичка култура, издигнувајќи го политичкиот дијалог на повисоко ниво, наведува Институтот ОХРИД.

Декларацијата за фер, слободни и демократски избори за прв пат беше потпишана во 2014 година, а Институтот ОХРИД ја спроведува програмата „Политички дијалог помеѓу младите политичари“ од 2010 година. Програмата ги обединува сите активни политички подмладоци и нејзината цел е да негува и гради политичка култура и дијалог, но и да ги гради капацитетите, вештините и знаењата на младите политичари како идни лидери и носители на одлуки.

Настанот ќе биде јавен, церемонијален, но без публика, согласно рестрикциите наложени од корона пандемијата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука