Охрид, 19. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Врнежите од дожд што ги имаше периодов позитивно влијаеа на хидролошката состојба на Охридското Езеро, но сепак недоволно да го достигне просекот за овој период.
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), водата е на кота од 693,57 м.н.в, што е за 8 сантиметри под просекот за јуни (693,65 м.н.в), односно 47 сантиметри над дозволениот минимум (693,10 м.н.в). Температурата на езерската вода е 20 степени и е скоро половина степен повисока во однос на јунскиот просек.
Последнава недела езерското ниво е покачено за цели 4 сантиметри.
Во Охрид денес сончево и значително потопло време со мала локална облачност и со слаб до умерен ветер од северен правец. UV индексот ќе биде 8, а максималната температура ќе се искачи до 24. степени.
– Денес и утре краткотрајно ќе биде постабилно и значително потопло. Во среда попладне ќе биде нестабилно во западните делови локален пороен дожд и појава на грмежи, а во деновите кон викендот ќе има појава на пороен дожд проследен со грмежи и засилен ветер повремено и во останатите делови од земјата, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР