Охрид, 23. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Согласно роковниците на Државната изборна комисија (ДИК), рокот за собирање потписи за кандидати за претседател и за кандидати за пратеници започна денеска и ќе трае до 8-ми март.
– Има интерес, започна собирањето потписи за пет кандидати: Стевчо Јакимовски, Бујар Османи, Вело Марковски, Максим Димитриевски и Билјана Ванковска, информираат за Супер радио и OhridPress од Подрачното одделение на ДИК во Охрид.
Граѓаните поддршката на кандидатите можат да ја дадат во Подрачната единица на ДИК, која се наоѓа во просториите на Општина Охрид. Својот потпис можат да го дадат граѓаните од Општина Охрид и Општина Дебрца.
Со распишување на претседателските и парламентарните избори, закажани за 24-ти април, односно 8-ми мај 2024 година, стапија на сила одредбите од Изборниот законик. Супер радио и OhridPress ќе ги покриваат двата изборни процеси. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес