Букурешт, 27. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Деновиве во најновиот број на романското списание за култура „Хелис“, објавени се одбрани песни од повеќе македонски поети.
Застапена е поезијата на струшкиот поет Петко Шипинкаровски, охридскиот поет Тоде Илиевски, како и поетите Марина Мијаковска, Васил Тоциновски, Виолета Танчева Златева, Ленче Милошевска, Весна Ацевска и Братислав Ташковски.
Списанието излегува во печатена и електронска верзија, а го уредува угледниот писател Георге Добре. Автор на препевот од македонски на романски јазик е македонскиот писател Димо Н. Димчев. Списанието за култура „Хелис“ објавува десет броја годишно, а досега повеќепати има објавено македонска поезија.
Ревијата „Бранувања“ од Струга за најновиот број подготвува избор од повеќе романски поети, што ќе придонесе за подобро запознавање на нашата културна јавност со тековите во современата романска поезија и позитивно ќе влијае за продлабочување на соработката меѓу писателите од двете земји. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива