март 1, 2017

Киев, 1. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во најновиот број на весникот „Литературна Украина“ на Националниот сојуз на писателите на Украина е објавена поезија на охридскиот поет и професор Науме Радически, во избор и препев на украинската писателка и преведувачка Ана Багрјана.

Изборот на песните на Науме Радически е направен од неговата постхумно објавена поетската книга „Времепрашина“, што минатата година ја издаде „Македоника литера“. Ова е шеста поетска книга на Радически (1953-2014), кој зад себе остави богат творечки и научен опус од областа на книжевноста и книжевната историја. Книгата содржи повеќе од седумдесет песни кои се поделени во три циклуси, од кои најобемниот е насловен како „Песни во настанување“, односно ги содржи последните напишани песни на авторот.

Науме Радически е роден на 18 мај 1953 во Мешеишта, Охридско, а почина на 7 мај 2014 година во Скопје.

Науме Радически беше редовен професор по современи јужно­словенски литератури на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Уметничката, кри­ти­чарската и научноистражувачката актива на Радически е разновид­на: поезија, литературна и ликовна критика, лите­ра­турна историја, есеистика итн. Поедини негови поетски творби, критичко-есеистички текстови и статии од литера­турната наука се преведувани на други јазици. Самиот тој преве­ду­ваше од други јужнословенски литератури. Освен македонската литература во минатото и во современоста, негова научна преокупација беа некои спојни теми во јужносло­венскиот литературен контекст како: македон­ските теми во другите јужнословенски литератури, дело­то на Маке­дон­ците кои во минатото создавале литератур­но творешт­во на другите јужнословенски јазици и др.

Науме Радически беше првиот главен уредник на списанието Македоника, кое има меѓународна редакција. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука