март 8, 2017

Скопје/Охрид, 8. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Поетесата и писателка Маја Мојсова, член на Литературниот клуб „Григор Прличев“ од Охрид, е добитничка на Првата награда за песна по повод „Денот на читателот“, на конкурсот кој го распиша Националната и Универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ од Скопје.

majadencitatelot

Мојсова ја доби наградата за песната „Прелистување на душите“. Второнаградена е Ана Јовчевска од Скопје за песната „Млади поети“, а третата награда ја доби Биљана Димко од Битола за песната „Читател“.

Претседател на жири комисијата за доделување на наградите е поетесата м-р Марина Мијаковска.

На манифестацијата „Денот на читателот“, која се одржа на 6-ти овој месец во фоајето на НУБ „Свети Климент Охридски“ во Скопје, беше доделена и наградата Најчитан автор за 2016 година на младата авторка Вера Калин.

Директорот на НУБ, проф. д-р Иван К. Заров посочи дека оваа манифестација ги поттикнува читателите да читаат книги од домашни автори.

– Затоа што содржините и пораките што авторите ги имаат кодирано во нивните книги се насочени кон читателите и без нивното восприемање книгата ќе биде само обичен предмет. Затоа, не случајно на овој ден ја доделуваме наградата „Најчитан автор“ што го одредивме во соработка со јавните библиотеки во Македонија, кои ни испратија списоци со автори чии книги биле најчесто позајмувани во текот на 2016 година, кажа Заров. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: НУБ „Свети Климент Охридски“

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука