Скопје/Охрид, 23. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во Собранието на Република Македонија денеска беше доделена државната награда „23 Октомври“ на еминентниот македонски поет Славе Ѓорго Димоски за остварување во областа на културата и уметноста.
Ова престижно признание се доделува за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес на Македонија.
– Јас доаѓам од сферата на литературата и ракувањето со зборовите.Токму Македонската револуционерна организација ја собра тогашната македонска интелигенција. Токму во неа се поставени и темелите на идниот стандардизиран македонски јазик. Токму од нејзините пазуви се изнедри златната книга „За македонцките работи“ во која Крсте Петков Мисирков го постави фундаментот на идниот современ македонски јазик. Македонскиот идентитет е втемелен во македонскиот јазик и кирилицата. Јазикот и писмото се еден од идентитетските столбови на сите нас. Толку ни ги стесниле границите што нема простор за друго име освен за Република Македонија, кажа меѓудругото при вчерашното врачување на наградата поетот Славе Ѓорго Димоски.
Наградата „23 Октомври“ на Славе Ѓорго Димоски му ја врачи уметникот проф. м-р Роберт Јанкулоски.
Славе Ѓорѓо Димоски (поет, есеист, преведувач) е роден на 18 март 1959 во охридското село Велестово. Завршил Филолошки факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во два мандата бил претседател на Управниот одбор на НУ „Струшки вечери на поезијата“. Основач е и долгогодишен раководтиел на фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“.
Автор е на книгите поезија „Гравири“, 1979, „Проект“, 1982, „Студен порив“, 1985, „Последните ракописи“, 1988, „Спореден пат„, 1991, „Предмети и аргументи“, 1994, „Форми на страста“, 1998, „Форми на страста / Forms of passion“, „Macedonia Prima“, 1999, „Темно место“, 1999, „Мерач на зборовите“, 2007, „Хаику на разгледници“, 2015, „Јазичен триптихон“, 2015, „Кумова слама“, 2018, „Јазик и леб“, како и книгата „Поезија/Ткаења“ од 2014 година во која е објавена неговата целокупна поезија пишувана од 1979 до 2014 година. Објавил шест книги за деца и четири книги со есеи, а превел над триесетина книги на поети од словенското јазично подрачје. Дваесет книги му се преведени на странски јазици, а поединечни песни и поетски циклуси се преведени на над триесет и пет јазици, меѓу кои англиски, француски, руски, малезиски, српски, романски, турски, албански, шведски, шпански, чешки, хрватски, словенечки, полски, азерски, украински, бугарски, германски, хебрејски, арапски италијански, грузиски, ерменски, монголски. Наградуван е со повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, а меѓу нив „Браќа Миладиновци“, „Антево перо“, „Ацо Шопов“, Гран при интернационал (Романија), „Сергеј Есенин“ (Русија) и др. Двапати е добитник на највисокото охридско признание „Св. Климент Патрон на Охрид“ (2000 и 2012 година) Застапуван е во сите антологии на македонската поезија објавени во Македонија и низ светот по 1982 година. (Крај)
извор: vecer.press фото: vecer.press