август 25, 2019

Охрид, 25. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Пожарот кај Опеница е се’ уште активен, а екипите на охридската Противпожарна единица со помош на екипи од шумското претпријатие се обидуваат да го локализираат.

– Се интервенира со две возила и соодветен број пожарникари, кои од вчера го гасат пожарот, кој во попладневните часови избувна над селото Опеница, на потегот кон Расино, информираат за Супер радио и OhridPress од охридската Противпожарна единица.

Огнот и натаму се шири поради ветерот. Граѓаните се вознемирени и велат дека ситуацијата е алармантна. Горат смрека и борови, но поради тешко пристапниот планински терен, гаснењето на пожарот во шумата е отежнато.

Поради сериозноста на ситуацијата свикана е итна седница на општинскиот Кризен штаб, кој бара решение како да се изгасне пожарот кој се спушта кон селата Косел и Опеница.

Селото Опеница се наоѓа на осум километри од Охрид, а силниот чад се шири и во правец на градот. Најмногу се почувствува синоќа после 22:00 часот, кога ветерот го носеше чадот кон Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука