Струмица, 10. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Македонската фудбалска репрезентација ги заврши квалификациите за Светското првенство во Русија во 2018 со убедлива 4:0 победа над Лихтенштајн во Струмица, трета победа во овој циклус, со која го освоивме петтото место во групата Г.
Отпорот на аматерите од малото кнежевство меѓу Швајцарија и Австрија траеше нешто повеќе од половина час. Висар Муслиу по одличното нафрлање на Џани Алиоски во 36. минута од мечот донесе водство за Македонија на стадионот „Младост“, за само три минути подоцна капитенот Горан Пандев го најде напаѓачот на Палермо, Александар Трајковски, за зголемување на водството.
Во 66. минута играчот на Леванте, Енис Барди, во 66. минута ја потврдува победата на Македонија пред Аријан Адеми по долгата пауза поради допинг-суспензијата да има камбек со гол во 68. минута најдобро снаоѓајќи се во шестнаесетникот на противникот.
Победата е очекувана, меѓутоа и добредојдена за добар финиш на квалификациите во кои не секогаш имавме најмногу среќа – натпреварите со Албанија на гости и со Италија во Скопје беа најдобри примери.
Селекцијата на Игор Ангеловски сега може веќе да го планира следниот квалификациски циклус за Евро 2020 година, кое ќе се одржува во 13 европски држави. (Крај)
извор: макфакс фото: архива