септември 24, 2017

Охрид, 24. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во петокот, на 22-ри септември, во 10:35 часот, на крстосницата на булеварот „Туристичка“ со улицата „.Даме Груев“ во Охрид се случи сообраќајна незгода во која учествуваа патничко моторно возило марка „Шкода Јети“ сопственост на МВР, управувано од 48-годишниот А.Д., полициски службеник вработен во СВР Охрид и велосипед марка „Рог – Пони“, управуван од 80-годишниот Д.Б. од Охрид.

– Сообраќајната незгода се случи во момент кога возачот со полицискиот автомобил кој се движел по булеварот „Туристичка“ од улицата „Јане Сандански“ во правец кон булеварот „Македонски Просветители“, на критичното место со предниот дел од возилото се судрил во велосипедистот кој со движење преминувал преку коловозот од булеварот „Туристичка“ од левата кон десната страна гледано од правец на движење на полицискиот автомобил. Во незгодата со тешки телесни повреди кои не се животно загрозувачки се здобил велосипедистот Д.Б. кој со возило на Брза помош бил пренесен во болницата „Св. Еразмо“ во Охрид и задржан на понатамошно лекување. На местото на сообраќајната незгода, извршен е увид предводен од Јавен Обвинител, овластено вешто лице, увидна екипа од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај, главниот инспектор за сообракајни работи при СВР Охрид, помошникот началник на Одделение за полиција и полициски советник од Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди-одделение Охрид, информираат од СВР Охрид.

По наредба на Јавен Обвинител, во станицата за технички преглед АМД Охрид извршен е вонреден технички преглед на патничкото моторно возило „Шкода Јети“, а од учесниците во незгодата земена е крв и урина за анализа. (Крај)

извор: СВР Охрид фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука