август 3, 2017

Охрид, 3. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Екипи на Министерството за внатрешни работи веќе осум дена трагаат по Горан Грујовски и Никола Бошковски, на кои судот им одреди мерка притвор и за кои беше распишана потерница.

– На 26-ти јули 2017 година, во 21:00 часот Апелацискиот суд во Скопје до Министерството за внатрешни работи достави наредби за спроведување на Г. Г. и Н. Б. во Истражниот затвор Скопје. Веднаш беше распишана национална потерница со која се спроведоа активности за приведување на осомничените. Tимовите на Министерството извршија проверка на објектите на адресите кои се пријавени како места на живеење на осомничените и проверки на повеќе локации на територијата на Република Македонија, поточно во Скопје, Велес и во Охрид, за кои имаше оперативни сознанија дека осомничените ги користат за криење. Со оглед на тоа дека не беа пронајдени, МВР, согласно законските надлежности, побара од Судот согласност за распишување на меѓународна потерница и по наредба на Судот веќе е распишана меѓународна потерница за Г.Г. и Н.Б., информираат од МВР.

Од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), кратко коментираат дека се реализирале околностите на кои тие предупредувале и поради кои барале притвор и за Грујовски и за Бошковски, но и за останатите обвинети во нивните предмети. Токму можноста за бегство обвинителите ја потенцираа пред судиите како причина да им се одреди притвор на тројцата вработени од УБК обвинети во предметите „Таргет“ и „Тврдина“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука