Полицијата врши претрес во домот на Артан Груби, се сомничи за криминал во Лотарија, се трага и по екс директорот Прпарим Бајрами
декември 16, 2024

Скопје, 16. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Полициски екипи утринава вршат претреси на повеќе локации поради сомнеж за сторен организиран криминал во Лотарија.

Според првичните информации претрес е извршен и во домот на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби.

Обвинителството со помош на МВР и на финансиска полиција отворила предмет со кој Артан Груби се сомничи за нелегално издавање на лиценци за интернет коцкање.

Информациите од терен говорат и дека се трага и по екс директорот на Лотарија, Прпарим Бајрами за кој постои сомнеж дека пред неколку месеци ја напуштил земјава.

Неофицијално и двајцата се во Косово.

Финансиската полиција отвори истрага за набавката на апаратите за коцкање од страна на тогашниот директор на лотарија Прпарим Бајрами со која е оштетен буџетот за речиси 12 милиони евра. ВЛТ апаратите беа сместени во објектот во Визбегово сопственост на Пуцко Петрол. Според сознанијата биле порачани 825 апарати од кои инсталирани биле околу 300, а останатите не биле во функција. Седум години без лиценца Лотарија овозможувала онлајн обложување. Државната видеолотарија, во доминантна сопственост на Државната лотарија, не го испочитувала законот и ги пробила роковите, организирајќи интернет игри и по 01 јануари 2017 година.

Ова беше главната причина за истрага да отворат финансиската полиција и одделението за организиран криминал при МВР. Незаконското работење беше откриено во Струмица и Гостивар каде што две фирми организирале игри без лиценци и за тоа не плаќале данок. При извршените претреси, според информациите со кои располагаме пронајдена е поголема сума на пари. Органите на истрагата го истражуваат и издавањето на објектот на Пуцко Петрол. Државна Лотарија 13 месеци плаќаше закуп на поранешен ресторан за свадби.

Вредноста на договорот помеѓу Лотарија и фирмата „Хеј Дооел“ беше во висина од 2,6 милиони евра, а сопствеништвото се поврзуваше со високи функционери на ДУИ, додека објектот е сопственост на Асмет Јахоски син на пратеникот од ДУИ Исмаил Јаховски.

По медиумските објави дека човекот кој минатиот понеделник се разбуди на црната листа на САД за случај со значителна корупција и директна вмешаност во судски скандал со мито и корупција е во бегство и на Косово, лично Груби пиша и потврди на Фејбук дека е на Косово во наводна приватна посета, демантирајќи дека избегал. (Крај)

извор: Тв Телма фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука