Охрид, 8. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во стандардниот термин од 20:45 часот, вечерва на регионалната О2 телевизија ќе се емитува премиерно полуфиналето на првото Талент шоу Ohrid SUPERSTAR.
– Имаме уште едно фантастично шоу, овој пат со нова бина и дополнителни камери и осветлување, како што доликува на полуфиналната вечер. Мапетите се повторно тука за да се „караат“ со жири комисијата, а кандидатите се во врвна форма. Веќе се пее на претходно подготвени и прилагодени за кандидатите матрици, а во текот на изминатата недела сите работеа во студијата на своите ментори Јовески, Каралиевски и Китрозоски. Очекувајте врвно шоу, кое ќе трае повеќе од два часа, порачуваат организаторите.
Утре во големата сала при Домот за култура „Григор Прличев“ ќе се одржи големото финале за кое се веќе пуштени во продажба и билетите.
– Билетите ќе можат да се набават во Music Shop ZZ Top, „Тамаро 5“ маркетoт на Булевар „Туристичка“ кој работи 24 часа и во студиото на Супер радио. Со нив публиката ќе може да се гласа за својот фаворит во финалето кое утре со почеток во 10:00 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид. Жири комисијата ќе го одбере најдобриот кој ќе ја добие паричната награда од 2.000 евра, гласовите од публиката ќе одлучат кој ќе ја добие наградата од продуцентот Даниел Јовески – песна и видео спот во негова продукција, Супер радио ќе одбере еден од учесниците за радио водител, а уште еден талент ќе започне своја емисија на О2 телевизија. На билетите се наведени имињата на сите седум кандидати кои влегоа во финалето. Посетителите ќе треба да го заокружат името на еден фаворит и да го остават во посебно обележаните кутии во фоајето при Центарот за култура. И за финалето останува правилото дека едно лице ќе може да стави само еден билет во кутијата, информираат организаторите.
За титулата Ohrid SUPERSTAR утре ќе се натпреваруваат: Емилија Петровска, Ирма Гогова, Андреа Јованоска, Ивана Коскоска и Билјана Буџакоска, кои влегоа во финалето како избор на жири комисијата и танцовата група „The Passengers“ и Светлана Вељаноска како избор на публиката. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес