октомври 6, 2017

Охрид, 6. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охридската полиција во текот на изминатава летна туристичка сезона евидентирала помалку сообраќајки во споредба со лани.

Во месеците јули и август се случиле 70 сообраќајни незгоди, додека во истиот период лани, биле регистрирани вкупно 78.

Воспоставување стабилен режим во сообраќајот за време на летната туристичка сезона, била една од главните мерки и заложби на полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид.

Среќна околност е тоа што годинава не се евидентирани сообраќајни незгоди со смртни последици.

– Од останатите параметри, вредно е да се истакне дека, оваа туристичка сезона имаше седум сообраќајни незгоди со тешко телесно повредени лица додека во истиот период лани имало вкупно девет. Во однос на здобиени лесни телесни повреди, оваа туристичка сезона забележани се вкупно 40 сообраќајни незгоди што значи намалување во однос на ланските 69, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Што се однесува до сообраќајната култура, се правеле прекршоци при преминување на кружните текови неправилно паркирање на патнички и други моторни возила на коловозните ленти, управување на технички неисправни возила, управување на патнички моторни возила без возачка дозвола и со изминат рок на важност на сообраќајните документи и други прекршоци. Прекршителите биле предупредувани, а против некои биле поднесени и соодветни пријави. (Крај)

извор: ОхридПрес/СВР фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука